Последна промена пред 10 години | Сабота 21 Септември 2024 | 0 0
http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/amf.jpg

Никој од МПЦ не бара да стане српска или грчка црква, туку од расколот да се врати во канонска состојба

  • Амфилохие,архиепископ Цетињски

  • Прочитано: 4381
  • 26.02.2014
Сподели со твоите пријатели!

Останатo од Амфилохие,архиепископ Цетињски


Владиката Амфилохие, архиепископ цетињски, митрополит црногорско-приморски на Српската православна црква, е втор по ранг во хиерархијата на СПЦ, веднаш по српскиот патријарх. Неговата кариера е импресивна. Се занимава со теологија, есеистика и преведување. Неговите политички ставови со години предизвикуваат контроверзии во јавноста. Меѓу другото, му замеруваат за тврдиот клерикализам и за великосрпскиот национализам. Од друга страна, тој е претседател на комисијата задолжена за преговори со Македонската православна црква.Ова интервју го договоривме преку посредништво на заеднички пријател. Тоа, секако, нè не прави пријатели, но нè обврзува да разговараме отворено и без предрасуди за односите помеѓу двете цркви. Наша цел е подобро да се разберат позициите и аргументите на СПЦ во овој, како што велат некои, одлучувачки момент, поради иницијативата на поглаварот на Руската православна црква, за која, барем во Скопје, се верува дека може да го оконча овој долгогодишен спор.


Почитуван владико, не така одамна ја разбранувавте јавноста со жестокото противење за создавање црногорска православна црква, но и за независноста на Црна Гора. Знам дека е неупатно да се споредува состојбата во Црна Гора и во Македонија, но Вашето „досие“ предизвикува нелагодност кај луѓето кои проценуваат каква е личноста што во наредните години пресудно ќе влијае врз преговорите меѓу СПЦ и МПЦ. Затоа, на почетокот морам да го поставам клучното прашање  - дали српската црква и Вие, лично, го прифаќате фактот дека Македонците се посебен народ, кој сака да има своја црква, каква што имаат српскиот, бугарскиот, рускиот и другите народи во православниот свет?


- Улогата на Христовата црква, од нејзиното основање па сè до денес, и до крајот на светот и векот, не е да создава нации – народи, туку од сите земски народи (нации) да создаде еден Божји народ, „род избран, свет народ, народ здобиен да ги објави доблестите на Оној (Христос), кој од темнината нè повика во волшебната светлина своја“ (1 Петар. 2,9). Бог „од една крв го создаде секој народ во човештвото за да престојува по целата почва на Земјата... да го бара Господ...“ (ДАп. 17, 26-27)Меѓу тие народи, денес постои и народ кој себеси се смета и се нарекува македонски. Тоа е факт што Православната српска црква, а и јас, лично, го прифаќаме и го признаваме, како што Црквата ги признава и ги почитува сите други народи на Земјата. Притоа, улогата на Црквата никогаш не била да го обоготвори или да се поистовети со кој било народ (па ниту со оној првиот, избраниот еврејски народ), туку да „оди и да ги научи сите народи крштевајќи ги во името на Таткото, Синот и Светиот дух“ (Мт. 28, 19), преобразувајќи ги и обединувајќи ги луѓето и народите. Затоа, националната припадност никогаш не била својство на Црквата, па оттука ние православните не веруваме во грчка, руска, српска, бугарска, македонска или во некоја друга црква која добива такви називи по мнозинството свои верници, припадници на една нација, или според географскиот простор, туку веруваме „во една, Света, Соборна и Апостолска црква“ Христова. Тоа била и причината што сите древни цркви носеле име и назив не по нацијата, туку по градот или местото каде што било главното седиште на епископите (архиепископите, митрополитите) на една помесна (афтокефална, автономна) црква: Ерусалимска, Антиохиска, Константинополска, Охридска, Пеќска, Киевска, Московска итн. Дури во поново време, првенствено кај словенските народи, во периодот на будењето на поедини нации и создавањето на нивните држави, некои цркви почнале да се нарекуваат според нациите. Сè додека тој назив не стане својство на Црквата, туку го означува мнозинскиот народ што ѝ припаѓа, или географски назив, според државата, историското име на просторот и слично, тој може да биде и е прифатлив. Меѓутоа, од поистоветувањето на нацијата со црквата, особено во 19 век, во православието се создала и се родила опасноста од духовната болест „етнофилетизам“ (1872 г.) наречена, со право, ерес, „опасен змиски отров“.

 


Со тој, како што велите, „змиски отров“, не е ли затруено и православието и во 20 век? Дали сте подготвени да ја прифатите вистината дека православните Македонци не гледаат добри причини повторно да појдат во српска, грчка или во бугарска црква, како што тоа го правеа во минатото? 


- Дека нацијата и државата, и покрај тие и такви опасности, сепак не станаа за Православието битен фактор и конечен предуслов за создавање автокефални цркви, сведочи и фактот дека, на пример, еден народ – грчкиот, има четири автокефални цркви (Цариградската, Ерусалимската, Александриската и Атинската), а една помесна црква, на пример Руската, има петнаесет нации кои ѝ припаѓаат, со разни држави. Притоа, и други помесни цркви (Српската и други), без разлика на нивниот национален назив, имаат при себе и други народности, на кои им ја почитуваат народноста и се распространети во многу држави. Црквата која е повикана (прозвана) да биде фактор на единство меѓу сите народи, смее ли да стане јаболко на раздорот и на омраза меѓу народите? Смее ли црквата да биде миразџика и слугинка на која било нација или држава, особено во наше време, кога нациите стануваат сè помалку христијански, а државите сè повеќе секуларизирани?Оттука, се прашувам и себеси и другите: со целата почит кон македонскиот народ и независната македонска држава, дали нашата Пеќска патријаршија, во времето кога и самата ја преиспитува канонската оправданост на својот понов назив (називот СПЦ го добила во 1931 година, со донесувањето на тогашниот Устав), може и смее да прифати така лесно, без согласност на другите православни цркви, независност, автокефалност на еден свој канонски дел, поистоветувајќи ја славната Охридска архиепископија, која никогаш не била омеѓена со границите на една нација или една држава (била и византиско-грчка и бугарска и српска, а и сега на нејзиниот простор македонскиот е само мнозински народ, но не и единствен), со една нација и држава под најновиот назив Македонска православна црква? И тоа под назив кој, на сите им е познато, всушност, е јаболко на раздорот, како меѓу државите така и меѓу соседните народи!На сите им е познато дека Српската црква, и покрај тие и други проблеми, ѝ дала автономија на МПЦ (1959 г.); ѝ ракоположила, што е суштинско за признавањето на една црква, епископат; дури и патријархот Герман се потпишуваше „српски и македонски“, до самоволното прогласување на „автокефалноста“ (1967 г.). Така, од епископите на МПЦ никој не бара да се вратат во српската, грчката, бугарската  црква – туку само да се вратат од расколот во канонска состојба, за да може црквата потоа да предложи канонски пат за целосна независност на МПЦ.

 


КОЈА ЦРКВА Е „МАЈКА“, А КОЈА „ЌЕРКА“?

 
Како што рековте и самиот, МПЦ во 1959 година доби автономен статус од страна на СПЦ, па митрополитот Доситеј и епископот Наум беа ракоположени од страна на српскиот патријарх. Тоа беше политичка, а не канонска одлука на СПЦ – колку што ми е познато, не постои томос за тоа. Осум години подоцна, повторно со оглед на политичките околности, црквата во Македонија се откажува од српскиот патријарх и прогласува автокефалност. Дури и под претпоставка дека МРЦ тогаш навистина направила канонски престап, не ја сфаќам упорноста со која цели четири децении СПЦ инсистира на „искупување“  на тој „грев“ и на враќање на македонската во закрилата на српската црква и на повторување на постапката одново. Зарем е тоа навистина неопходно? Што е тоа што ја спречува СПЦ едноставно да ја прифати состојбата каква што е сега и да ја повика МПЦ во канонско единство?   

 


- Томос за автономијата од 1959 година навистина не постои, бидејќи во тоа време Цариградската патријаршија сè уште издаваше томоси за автономија и за автокефалност.  Со најновите сеправославни одлуки во Шамбези, томос за автономија издава „црквата мајка“ (во овој случај Пеќската – Белградска патријаршија), известувајќи го за тоа Цариград и сите други православни цркви. Автономниот статус на МПЦ од 1959 година беше остварен под притисок на тогашната безбожна македонска и југословенска власт, но тој беше и канонски, со одлука на Светиот архијерејски собор и со ракоположење на епископи, и со тоа овозможувајќи Црквата во Македонија да се организира канонски и законски. Она што е барано од неа во овие речиси 50 години, е враќање од расколот во канонска состојба, за потоа да може нашата црква да преземе мерки за добивање автокефалност, прифатена од сите православни цркви, на чело со Цариградската патријаршија. Се надевам дека некогаш ќе им стане јасно на сите во Македонија: Православната српска црква не дава и не може да даде автокефалност; таа единствено може да им предложи на Цариград и на сите други православни цркви конечно добивање автокефалност, но дури тогаш кога МПЦ ќе се врати во канонска состојба. Архиепископот Стефан и сите епископи во МПЦ тоа добро го знаат, не еднаш сме разговарале за тоа со нив. Тоа им го потврдија во разговорите како цариградскиот, така и московскиот патријарх (последниов и во неодамнешниот разговор со господин Иванов, претседателот на Република Македонија). Всушност, тоа беше и основата на Нишкиот договор. Наместо да тргнат по тој единствен канонски пат, тие, за жал, упорно се држат до својот самопрогласен статус на „афтокефалност“, останувајќи во раскол, надвор од целовитоста на Православната црква, согласно со она што им го кажа Сава, епископот шумадиски, при средбата во манастирот Св. Наум: „Еве ти ништо, држи го цврсто“. 

 


Мене, како лаик, почитуван владико, ми се чини дека СПЦ го пренагласува прашањето на „постариот“, односно тоа дека во периодот на осамостојувањето на МПЦ, српската црква има статус на „црква мајка“. Сите поважни православни цркви станале автокефални дури во 20 век. Што се тие разлики во споредба со сознанието дека на просторот на денешна Македонија, црковниот живот се одвива со векови? Да речеме, има ли смисла да се гради голема приказна, како што тоа го прават некои од нас, врз база на историските факти дека Охридската архиепископија е постара од Пеќската патријаршија?

 

- Имате право, Охридската архиепископија е постара од Пеќската патријаршија. Таа води потекло од Јустинијана Прима (6 век); нејзиниот канонски простор сѐ до 1219 година ги покривал и епархиите на тогаш основаната Жичка архиепископија, односно Пеќската патријаршија. Охридската архиепископија повторно ги презела епископиите на Пеќската патријаршија со нејзиното прво неканонско и насилно укинување (1459), сè до првата обнова на Пеќската патријаршија (1557). Тогаш под јурисдикција на Пеќската патријаршија потпаднале не само нејзините, туку и многубројни епархии, како денешната Охридска архиепископија (МПЦ), така и некогашната Трновска патријаршија (денешна БПЦ). Укинати се и двете, речиси заедно (1776/7), за да биде обновена Пеќската патријаршија со патријаршки томос (1920/22), вклучувајќи ги и епархиите на Цариградската патријаршија во денешна Република Македонија, како и денешните епархии рашко-призренската и дабробосанската и други.Кој е тука „мајка“, а кој „ќерка“?  И двете бидувале и едното и другото. Всушност, ако веќе го употребуваме тој јазик (веќе надминат): двете се „ќерки“ на Цариградската патријаршија! Она што е тука важно, всушност, не е тоа, туку од сите признатиот канонски поредок и простор за секоја од нив двете, во одредени временски интервали: согласно со тој канонски сеправославен признат поредок и устројство, еве, веќе 100 години епархиите кои се дел од историската Охридска архиепископија во областите на денешна Република Македонија повторно припаѓаат на Пеќската патријаршија, односно на Православната српска црква. Сите тие историски мени и промени на јурисдикцијата и на едната и на другата притоа потврдуваат нешто што е исклучително важно: националниот и државниот фактор првпат во историјата на оваа Црква станаа решавачки во барањето за формирање и обновување на Охридската архиепископија под името МПЦ (дури во 1959 г.). Бидејќи национално (па и државно) таа ги покривала низ вековите и денешните Грци и Бугари и Срби и Власи и Арбанаси (како и Пеќската патријаршија), и секако и денешните Македонци. Затоа не е случаен и нејзиниот канонски и еклисиолошки најправилен назив: Православна охридска архиепископија. 


АУТИЗМОТ И САМОДОВОЛСТВО НА РАСКОЛОТ

 

Со прочуениот Нишки договор од 2002 година, од кој, за волја на вистината, македонските потписници подоцна практично се откажаа, беше договорено СПЦ да ја „признае“ македонската црква под називот „Охридска архиепископија“, но таа да го задржи своето име МПЦ, ако така може да се каже, за „внатрешна употреба“. Неодамна рускиот патријарх Кирил го повтори истиот тој предлог, кој во високите кругови на МПЦ, на сеопшто изненадување, беше дочекан со еуфорично одобрување. Нели е тоа, всушност, она на што инсистира српската црква – МПЦ се враќа во закрилата на СПЦ, со тоа го „искупува“ својот „грев“, а српската црква потоа ѝ издава томос за афтокефалност на Охридската архиепископија? Или не е сè баш така едноставно?

 

- Доколку Синодот на МПЦ останеше при своето прифаќање на Нишкиот договор (со него практично Охридската архиепископија – МПЦ добива „самосвојност“), не би дошло до основање на Православната охридска архиепископија на чело со сега затворениот архиепископ Јован, дотогашен член на истиот тој Синод, прифаќајќи го Договорот и единството со Пеќската патријаршија. Со тоа, сигурно, би ѝ се дала можност на Православната српска црква да го исполни своето ветување и да го отвори прашањето преку Вселенската патријаршија, за добивање автокефалност на Охридската архиепископија со согласност на сите помесни цркви, исклучиво мериторни за тој чин, пат на кој укажува и московскиот патријарх Кирил. Наместо тоа, Синодот на МПЦ подлегна на политичкиот притисок  и на партиско-идеолошкиот изборен набој во Македонија во тој момент, го започна и го поддржа прогонот на архиепископот Јован, на епископите, на свештенството и монаштвото на Православната охридска архиепископија, единствената канонска и сеправославно призната во Македонија... Со тоа состојбата на Црквата во Македонија стана посложена и побезизлезна. Жал ми е, но должен сум да кажам: сегашната виша јерархија на МПЦ се покажува недорасната одговорно и самостојно да се соочи со овие црковни проблеми; и понатаму препушта, како и нејзините претходници, политичари и идеолози да ѝ наметнуваат свои решенија, доведувајќи ја во ќорсокак. При тоа, таа за сè ја обвинува Српската црква, аутистички затворена во самодоволноста на својот раскол, одбивајќи да ја прифати подадената братска рака и повик на единствениот возможен, со вековно искуство проверен канонски пат за остварување единство на Црквата и на црковното самостојно достоинство на древната Охридска архиепископија, низ нејзиното органско вклучување во целовитоста на православната вселена. 

 


Има мислења дека за МПЦ воопшто не се исплати да се преговара, бидејќи СПЦ под ниеден услов не е подготвена да ѝ „подари“ афтокефалност на македонската црква, туку само автономија. Дали е тоа точно? Дали СПЦ има амбиции да избира епископи на македонската црква и долгорочно да го диктира црковниот живот во Македонија?

 


- Од горе реченото, потполно е јасно дека Православната српска црква е целосно отворена за вистински братски дијалог за канонско решение на статусот на Црквата во Македонија, но без насилство и каква било принуда. На дијалогот меѓу црквите, како единствен вистински пат, без мешање на политиката и политичарите, само што ме потсети еден од најпаметните сегашни прваци на македонскиот политички живот: човек кој верува и кој знае што е Црквата и колку е поразително какво било мешање од надворешни фактори, посебно политичко-идеолошки, во нејзиниот поредок и живот. Очекуваме од државните органи на Македонија да го покажат тоа и на дело – со запирање на прогонот и со што поитно ослободување на архиепископот охридски Јован, затворен поради верноста на единството на Православната црква.

 


СМЕЕ ЛИ ИМЕТО ДА БИДЕ ЈАБОЛКО НА РАЗДОРОТ?

 


Општ впечаток е дека во поттекстот на спорот меѓу СПЦ и МПЦ стои прашањето за името на македонската црква и македонската нација, имено прашањето што го наметнува грчката држава и Грчката православна црква. Не е ли ова повеќе политички отколку канонски конфликт?

 

- Што се однесува до називот на Црквата, и самите забележавте во Нишкиот договор – тоа му беше јасно секому од самиот почеток – дека нашата Патријаршија, иако поради безброј причини настојува на воспоставување на древниот назив Охридска архиепископија – не ѝ пречи и употребата на називот МПЦ. Меѓутоа, имајќи го предвид остварувањето на саканата цел – целосна самостојност на Црквата во Македонија, преку нејзино признавање од сите православни цркви, се враќаме на веќе поставеното прашање: Црквата која е повикана да биде фактор на единство на сите народи, смее ли да биде јаболко на раздорот и омразата меѓу народите, макар било тоа и со името?! На човека кому Црквата и остварувањето на целта на нејзината мисија кај секој народ поединечно и кај сите народи заедно му е од првостепено значење - одговорот му е јасен.

 

Под претпоставка СПЦ и МПЦ да договорат канонско разрешување на спорот, останува прашањето за статусот на Православната охридска архиепископија на владиката Јован, која македонската власт не ја признава и ја прогонува. Познато е дека СПЦ бара итно пуштање на владиката Јован од затвор и јас, секако, сметам дека тоа барање е сосема оправдано и разумно. Но, проблемот останува – може ли да се случи Македонија всушност да добие две цркви, и двете „охридски“, или српската црква сепак ќе инсистира двете да се обединат?

 

- На сите им е познато дека е невозможно да дојде до обновување на дијалогот и до вистинско решение на црковното прашање во Македонија без ослободување од затвор на архиепископот охридски Јован. Инаку, канонската Охридска архиепископија не е создадена за да биде паралелна црква и јерархија во Македонија, некаква „српска“ архиепископија, уште помалку да биде пречка за остварување на единството, туку мост за заемно помирување и канонско постигнување целосна самостојност на Охридската архиепископија – МПЦ. Дека обединувањето на православната јерархија во Македонија е силна потреба и возможност потврдува и неодамнешното  надминување на расколот и обединување на јерархиите во Бугарската православна црква, воспоставувањето единство на Московската патријаршија и Руската загранична црква, надминување на американскиот раскол во Православната српска црква итн.

 


Во некои медиуми во Македонија главна тема во изминатите денови беше наводниот конфликт меѓу Руската православна црква и Цариградската патријаршија, кој, како што велат, ја ослабува позицијата на СПЦ во однос на МПЦ. Што од сето тоа е вистина?

 

- Цариградската и Московската патријаршија, како и другите православни цркви, одговорно се подготвуваат за Великиот собор на православната црква.  За таа цел, на почетокот на март се одржува собор на сите првојерархи на автокефалните православни  цркви, на кој ќе учествува и патријархот Иринеј со своите соработници.


ПРВ ПОТЕГ – ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА АРХИЕПИСКОПОТ ЈОВАН

 
Почитуван владико, кажете ми што е следно на релацијата Белград – Скопје? До кога преговорите ќе бидат замрзнати? Кој е сега на потег?

 

- Убеден сум дека што е можно поитно ослободување на архиепископот Јован би било сесрдно поздравено во Цариград од патријарсите и од претставниците на сите православни цркви и дека тоа би помогнало  за создавање позитивна клима на оваа конференција во однос на МПЦ и би станало предуслов за вистински братски дијалог. 

 

 

(Разговарал Бранко Героски, објавено во „Слободен печат“)

 

/style/images/posledni.jpg

Последни коментари (0)коментари

Прочитај ги сите коментари:

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:

Најчитани вести од последните 24 часа

Најкоментирани вести од последните 2 недели


/style/images/intervju-title.jpg

Ако неплаќањето беше олимписка дисциплина ќе земевме медал

http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/goran rafajlovski.jpg Објавено: пред 18.09.2014 12:00
Прочитано: 3402

Горан Рафајловски

http://images2.plusinfo.mk/gallery//izvori/plusinfo.jpg
safe_image.jpg
За патриотизмот и лојалноста (2)
Ненад Живановски
15.10.2014
Gero profil picture.jpg
Балкански дронови
Бранко Героски
15.10.2014
dragan mlosavljevik.jpg
Срамот наречен Кобане
Драган Милосављевиќ
14.10.2014
повеќе колумни>>