Последна промена пред 10 години | Сабота 04 Мај 2024 | 0 0
http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/safe_image.jpg

За патриотизмот и лојалноста (2)

  • Ненад Живановски

  • Прочитано: 742
  • 15.10.2014
Сподели со твоите пријатели!

Останатo од Ненад Живановски

 Пред неколку дена, мал број медиуми незабележително објавија вест со наслов: „Граѓанин збеснал во УЈП и фрлил два компјутера низ прозорец“. Во написот се објаснува како изнервиран граѓанин влегол во УЈП и почнал да се расправа со вработените, бидејќи, според него, му била направена неправда, по што излегол од контрола и фрлил два компјутера низ прозорец. Вработените изјавиле дека многу често граѓаните незадоволството и револтот од институцијата го истресувале врз нив, но ова било првпат некој да им ги фрли компјутерите. Според нив, најголеми проблеми граѓаните имале околу присилната наплата на радиодифузна такса бидејќи директно без опомена им се земале пари од сметките, иако тоа било незаконски.
Овој настан е само еден од многуте примери за проблемот кој Македонија го има во континуитет, но кој е особено изразен последниве години, а тоа е недовербата, па и анимозитетот на граѓаните кон државните институции. Примерот од УЈП е и илустративен за тоа колку е краток фитиљот на граѓаните во однос на институциите, при што долготрајното незадоволството од државните институции неповратно води кон создавање револт и нелојално население како и деградација на кохезионите фактори на државата. Еден од клучните проблеми што ги има Македонија од својата независност до денес е како да се хармонизира декларативниот патриотизам со доверба кон институционалните репрезенти на државата. Во ова продолжение ќе бидат претставени неколку модели кои можат да ни послужат како примери за успешно воспоставен однос помеѓу државата и граѓанинот.
Првиот пример е Израел, држава чии граѓани уште од раѓање живеат со сознание дека земјата им е во перманентна војна со 400 милиони Арапи во опкружувањето, кои не сакаат нивната држава да постои. Сепак, оваа реалност не е пречка Евреите од целиот свет постојано да се доселуваат во Израел, свесни дека во секој момент може да загинат ако бидат мобилизирани за да учествуваат во војна (за Израел не е никаков проблем во рок од 24 часа да активира 50.000 резервисти како што се случи за време на последната интервенција во Газа). И во цивилниот живот во Изреал владее психологија детерминирана од милитантноста и воената психоза, што во секојдневието се манифестира во општо прифатениот код на однесување според кој два родители никогаш не се движат заедно со своите деца, туку секогаш со по едно дете одат на различни страни од улицата за во случај на бомбаш-самоубиец барем половина од семејството преживее. Сепак, и во вакви воени околности, Израел успева да обезбеди стабилна демократија во која најголемиот дел од населението има доверба и ги прифаќа институциите како гарант за опстанок на државата и нивна благосостојба.
САД се успешен пример за мултиетничка држава во која лојалноста кон институциите е искажана од повеќе од 150 нации доселени од целиот свет. Концептот на „мелтинг пот“, односно котелот за претопување во кој влегуваат различни етникуми, а излегува само една нација – американската, е специфичен по тоа што на секој лојален Американец, без разлика на потеклото и религијата, му дава еднаква шанса да го оствари „американскиот сон“ за економска благосостојба. На американските граѓани им е јасно дека само како резултат на нивната лојалност кон институциите им е гарантирана благосостојба зашто непочитување на институциите значи и крај на можноста да се живее во просперитет. Оттука и долговечноста на Уставот на САД повеќе од 200 години и генерално непроменливоста на еднаш воспоставените односи во општеството од тогаш до денес.
Јапонскиот пример, заснован на т.н. патерналистички однос, во својата основа ја има строгата хиерархиска поставеност, која се огледа во односот кон царот, како највисока институција (тој, иако нема реална власт, сепак, според уставот, е симбол на државата и народното единство), преку политичарите, сопствениците и главните менаџери во компаниите, до семејните старатели. Лојалноста на сите нивоа или, условно кажано, потчинетоста, е доброволна и неспорна бидејќи во ниеден момент не се доведуваат во сомнеж добрите намери и посветеноста на авторитетите кон потчинетите. Лојалноста изразена како фанатичен однос кон „господарот“ е присутна и во јапонскиот концепт на современ менаџмент и корпоративно управување, што се гледа од начинот како со децении се управува со големите компании како Сони, Тојота, Хонда и други индустриски гиганти. Практика во јапонските компании е од едно семејство да работат повеќе генерации, а работникот уште на почеток од вработувањето знае дека и неговите деца и внуци ќе работат во истата компанија и затоа неговата лојалност, освен економска, има и емоционална врска - тој никогаш нема да купи автомобил или технички апарат произведен во Европа, САД или во Јужна Кореја.
Малку Македонци би се саможртвувале, заради интересот на државата. Нашето удирање во гради и парадниот патриотизам, присутни од прогласувањето на независност до денес, се покажаа дека се без супстанца која дава гаранција за одбрана на државата во критични историски моменти (за време на конфликтот во 2001 година, одѕивот за мобилизација на резервниот воен состав беше помалку од 20 отсто, иако во исто време градските плоштади беа преполни со воинствена маса подготвена да се пресмета со „клетите Шиптари“).
Наша тажна реалност е дека односот на граѓаните кон институциите генерално е нездрав, но и обратно: голем процент од населението е лојално само поради тоа што партијата која тие ја поддржуваат, управува со институциите. Кај нив доброволната лојалност е резултат само на поклопувањето на партиската со државната лојалност. Во обратни околности не е тешко да се претпостави каков би бил нивниот однос. Друг голем процент од населението, токму поради оваа испреплетеност на владеачката партија со институциите на државата (апострофирано и во последниот Извештај на ЕК), својата лојалност ја доживува како принудна, а институциите воопшто не ги чувствува за свои, туку за наметнато нужно зло, кое мора да се прифати за да се избегне репресијата. Третиот голем процент од населението се припадниците на најмногубројното етничко малцинство во државата, кои својата лојалност приоритетно ја ориентираат кон етникумот на кој му припаѓаат или етничката партија, а не кон државните институции.
По четврт век независност, дали има излез од оваа поразителна состојба во која се наоѓа нашето општество? Можното решение би било некој нов модел на релација граѓанин - држава, кој се спроведува во земјите од транзиција, а кои се членки на ЕУ. Примерот со Бугарија би ни бил најблизок. По приемот на Бугарија во ЕУ, Брисел има превземено силна контрола на бугарската држава и нејзините институции, што е гаранција дека државата нема да ја злоупотреби својата моќ за да се изживува врз граѓаните, туку се формира како пристојна функционална правна држава (она што на нас очајно ни треба). Од своја страна, таквата држава има право и механизми, во чија објективност малку кој се сомнева, да ги контролира граѓаните за да не се обидат да ги избегнат своите законски обврски кон државата. Значи, постои една подредена, субординирана поставеност, во која Брисел ја контролира државата, а таа го контролира граѓанинот, а кај граѓаните нема доминантно чувство за постоење на привилегирани и дискриминирани односно селективна правда и политички затвореници.
Македонија (контролирана) во ЕУ - тоа е решението за нашиот проблем. Сѐ друго би значело продолжување на оваа институционална и граѓанска агонија и постепена атрофија и трулеж на државните институции по принципот на „мирна бара“, која е мирна само до првиот ветер, кој кога ќе дувне ќе ја разбрани и од дното ќе го придвижи сиот наталожен талог и фекалии. Туѓото искуство нека ни послужи како предупредување дека недовербата кон институциите значи и недоверба кон државата, а револуции во мултиетнички држави многу често завршуваат со дисолуции. Има ли умни глави во државава да го видат тоа? 

 

Објавено во Слободен печат“

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на Плусинфо


 

 

Објавено: 15.10.2014 17:40

avgust:

„Има ли умни глави во државава да го видат тоа?“- НЕМА!
Во Македонија нема УМНИ луѓе во политиката.
Со УМНИ политичари секоја држава може да биде како ШВАЈЦАРИЈА!
Во една нормална држава жителот не забележува дека „постои“ држава, затоа што државата ги остава на мир луѓето, а кога жителот има некој проблем, државата му помага при решавањето.
Кај нас е се наопаку. Државата постои за да се изживува врз народот!

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:

Најчитани вести од последните 24 часа

Најкоментирани вести од последните 2 недели


/style/images/intervju-title.jpg

Ако неплаќањето беше олимписка дисциплина ќе земевме медал

http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/goran rafajlovski.jpg Објавено: пред 18.09.2014 12:00
Прочитано: 3357

Горан Рафајловски

http://images2.plusinfo.mk/gallery//izvori/plusinfo.jpg
safe_image.jpg
За патриотизмот и лојалноста (2)
Ненад Живановски
15.10.2014
Gero profil picture.jpg
Балкански дронови
Бранко Героски
15.10.2014
dragan mlosavljevik.jpg
Срамот наречен Кобане
Драган Милосављевиќ
14.10.2014
повеќе колумни>>