Последна промена пред 10 години | Петок 03 Мај 2024 | 0 0
http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/dragan mlosavljevik.jpg

Срамот наречен Кобане

  • Драган Милосављевиќ

  • Прочитано: 1126
  • 14.10.2014
Сподели со твоите пријатели!

 

 

Во последниов месец уште едно мало, безначајно, забаталено гратче на сириско-турската граница си го избори своето место, ако не во историјата, тогаш во свеста на нашата генерација. Кобане или Кобани постои, тврди Википедија, одвај стотина години, го населуваат главно Курди, има и Арапи, кои го викаат Аун Ал-Араб, а во популацијата од околу 45.000 жители се наоѓа и понекој Туркмен или Ерменец. Никој што не е роден во него или нема големи причини за такво нешто, не би си дозволил луксуз таму да помине повеќе од 24 часа. Но, Кобане има лоша среќа. Им стои на патот на џихадистите од „Исламската држава“ во обидот да остварат стратешка контрола врз северните погранични области на Сирија каде што освен Курдите немаат, барем засега, ниту еден сериозен противник.
Кобане нема среќа и затоа што Турција, чија моќна армија од границата буквално со голо око ги гледа борбите меѓу џихадистите и курдските доброволци, не покажува никаква намера да го спречи паѓањето на градот, и потоа, сосем извесниот масакр врз цивилите. Курдските борци, со застарено оружје, храбро им се спротивставуваат на професионалните убијци, верски фанатици и белосветски лудаци, кои далеку помногубројни и опремени со првокласно американско вооружување од три страни навлегуваат во градот. Во оној нималку патетичен очај, свесни за судбината што ги очекува ако Кобане падне, Курдите се борат жилаво, напрегајќи ги силите до крајни граници, при што индивидуалните чинови на храброст просто вчудовидуваат, како да не му припаѓаат на ова докажано кукавичко време.
Одлучноста на една 19-годишна девојка, курдски доброволец, со експлозив на своето тело да се втурне во редовите на џихадистите и да го заврши животот носејќи со себе триесетина непријатели, сигурно е една од најблескавите, но и најтрагичните во хорор-приказната што светските агенции ја пренесуваат од сириската пустина. Некој цинично би можел да забележи дека самоубиствените акции се типични токму за џихадистите, но причините не се и не можат да им бидат исти.
Додека тие се одлучуваат на таков чекор заслепени од омраза и залудени со приказни за некакви ветени благосостојби на другиот свет, нежната курдска девојка морала да реши да го уништи својот живот гледајќи во тоа дело единствен начин, макар и на кратко, да ги запре оние што сакаат да ја уништат не само неа, туку и нејзиното семејство, нејзиниот град и најпосле, нејзиниот народ. Девојчинската жртва и воопшто жртвата на сите бранители на Кобане е уште потрогателна кога ќе се стави во иста реченица со борбата на САД и на нивните арапски сојузници против „Исламската држава“, организација што постои и денес толку е моќна само затоа што нејзините тазе непријатели тоа ѝ го овозможија.
Секој нормален човек, секој што поседува макар просечна моќ за логично расудување би морал да се запраша, што тоа им се случува на американските воздушни сили во последно време, односно од моментот кога американскиот претседател Барак Обама одлучи тие да бидат ударната тупаница во походот против терористите од „Исламска држава“. Во последните седумдесетина години американското оружје ги доби сите можни војни пред и над сѐ благодарејќи на воздушната надмоќ, а еве против „Исламска држава“ работата некако запнува. Се чини дека со секој нов американски напад „Исламска држава“ станува сѐ посилна и освојува уште повеќе територија во Ирак и во Сирија, а тоа, би требало да се сложат дури и најголемите поборници на американската безгрешност, не е она што светот го очекува. Кога е во прашање битката за Кобане, работите стојат уште полошо, како за курдските борци така и за американскиот интегритет и веродостојност како водечка сила во судирот со лошите момци на Ал Багдади. Од Пентагон велат дека авионите сами не можат да ја завршат работата и дека е потребна сериозна сила долу на терен за да ги запре исламските милитанти во налетот кон изморениот град. Тврдат и дека конфигурацијата на теренот е таква што пилотите не можат докрај да ги искористат потенцијалите на своите ултранапредни летала, а веројатно и џихадистите се некои опасни мајстори за маскирање на позиции во пустински услови. Повторно, секој може да им се потпише и на таа констатација. Ама сепак нешто не е како што треба во приказната.
Велат дека градот го сардисуваат околу 9.000 војници на ИД. Нападите се одвиваат од три страни, а во нив учествуваат бројни моторни возила и најмалку дваесетина тенкови. Курдите пукаат со сите расположливи средства кон непријателите и затоа битката се протегнува на речиси еден месец, а можеби ќе трае и подолго. Од снимките што ги гледаме секојдневно, може да се види дека околу опсадениот град нема шуми, нема планини (едно суво ритче се наѕира во далечина), теренот е рамен и пустински, нема никаква природна заштита за џихадистите што настапуваат кон Кобане. Токму затоа секој има право да се сомнева дека авијацијата што во такви услови ја сомле своевремено третата најголема армија во светот, ирачката, сега не може да излезе на крај со неколку илјади џихадисти наместени во пустината како на тацна. Не може да се справи или не сака, тоа е вистинското прашање. Исто како што турската влада доби од парламентот одобрение за војна против ИД на сириска територија, ама одговорните министри велат дека вмешувањето во Кобане не било реална опција. Па, кога ќе стане реална опција? Кога фанатиците дефинитивно ќе го освојат градот и кога ќе им ги исечат главите на сите што не го фатиле последниот автобус кон Турција?
Можеби американските пилоти на некој волшебен начин ќе си ги повратат вештините и знаењата, можеби и турската војска ќе се осмели да ја премине границата, но не за да го нападне Дамаск туку за да го спаси Кобане, можеби некое друго чудо ќе ги спаси Курдите од масакрот што им се подготвува. Но, што и да се случи, срамот наречен Кобане ќе остане како тежок товар на изморениот грб на цивилизацијата. Колку да нѐ потсетува дека 21 век технолошки е најсупериорен откако постои човештвото, но дека морално не сме мрднале од глупавата пештера на нашите влакнести предци.

 

 

Објавено во „Слободен печат“

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на Плусинфо  

 

 

Објавено: 14.10.2014 15:21

Zoran:

Odlicno napisano i mnogu blisku do realnata vistina.

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:

Најчитани вести од последните 24 часа

Најкоментирани вести од последните 2 недели


/style/images/intervju-title.jpg

Ако неплаќањето беше олимписка дисциплина ќе земевме медал

http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/goran rafajlovski.jpg Објавено: пред 18.09.2014 12:00
Прочитано: 3357

Горан Рафајловски

http://images2.plusinfo.mk/gallery//izvori/plusinfo.jpg
safe_image.jpg
За патриотизмот и лојалноста (2)
Ненад Живановски
15.10.2014
Gero profil picture.jpg
Балкански дронови
Бранко Героски
15.10.2014
dragan mlosavljevik.jpg
Срамот наречен Кобане
Драган Милосављевиќ
14.10.2014
повеќе колумни>>