Последна промена пред 10 години | Сабота 21 Септември 2024 | 0 0
http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/marko krtolica (1).jpg

Во Европа зајакната радикалната десница - во Македонија идеолошки хаос!

  • Марко Кртолица

  • Прочитано: 5457
  • 11.06.2014
Сподели со твоите пријатели!

Останатo од Марко Кртолица

 



Европскиот парламент е единственото тело на Европската Унија, кое што својот легитимитет го црпи дирекно од народот на непосредни избори, или поинаку кажано: институционално отелотворување на идејата за демократија. Демократијата во суштина е шуплива арматура, која остава простор да биде пополнета со било кои вредности со кои што народот се идентификува во даден момент. Неминовно се дигна прашина околу волјата на народот, кога истата на последните европски парламентарни избори доведе партии опишувани како -екстремистички, ксенофобични и контраверзни. Околу можните импликации од вака променетиот состав на ЕП, поразговаравме со политикологот М-р Марко Кртолица, автор на трудот „Подемот на политичките партии на новата радикална десница во Европа: Фаза или опасност за Европската демократија“

 

- Кога би ги дефинирале подетално, на кој начин овие радикално-десни партии се еманципираа од багажот на класичните облици на фашизам, за кој се веруваше дека по падот на Берлинскиот ѕид веќе нема да „пројде“?

 

- Дефинирањето на овие политички партии, најчесто именувани како „партии на новата радикална десница“ воопшто не е лесно, со оглед на тоа дека се работи за една доста хетерогена група. Иако доста хетерогени, сепак постојат определени прашања околу кои сите политички партии кои припаѓаат на оваа партиска фамилија имаат исти или, пак, слични ставови. Тоа се однесува кон застапување на анти-имигрантската политика, етнонационализамот, евроскептицизмот, анти – глобализацискиот став и идејата дека се застапници на обичниот граѓанин наспроти корумпираните и технократски елити. Сите тие одбиваат самите себеси да се дефинираат како анти – системски партии, со што се оградуваат од (нео)фашистичките организации чија цел е укинување на демократијата и воспоставување на фашистички режим.

 

Напротив, овие партии тврдат дека не само што ги прифаќаат вредностите на демократијата, туку и дека се способни да ја надоградат денешната демократијата преку зголемување на одговорноста на избраните пред избирачите и преку поголема непосредна вклученост на граѓаните во процесот на донесување одлуки . Иако доста успешно ја пакуваат и продаваат својата приказна, ако ја следите подлабоко нивната идеолошка позадина, посебно во нивната реторика, ќе забележите дека тие всушност се многу блиску до позициите на расизамот, ксенофобијата, авторитарноста, нативизмот, авторитаризмот, популизмот и ексклузивноста кои претставуваат темелни вредности на фашистичката идеологија.


- Од кои причини токму нивната реторика е податлива за народите во Европа во денешната политичка констелација?


- Постојат повеќе причини за таквата состојба. Се поголемиот степен на имиграција, зголемената европска интеграција и глобализација, како и големата криза на репрезентативната демократија и демократскиот дефицит на ЕУ се фактори кои придонесуваат партиите на новата радикална десница да претставуваат партии интересни за голем број на граѓани на европските држави.

 

Испитувањата на јавното мислење во земјите од Европа говорат дека двет третини од граѓаните на европските земји сметаат дека горната граница на прилив на имигранти е достигната и дека тој прилив мора да застане. Во земјите од ЕУ како последица на белата чума, владее морална паника дека европските вредноси сe доведени во опасност и дека ќе бидат потиснати од страна на вредностите на имигрантите, кај кои се бележи пораст во природниот раст. Дополнително, Европа е преполна со политичари без визија. Политичари, кои се заробеници на своите локални рејтинзи, политичари, кои не се способни да понудат решенија за влошените економски услови, политичари кои придонесуваат граѓаните поради нивните не успеси да почнат да ја губат вербата во демократските институции.


Од друга страна, фокусирајќи се против глобализацијата, имиграцијата, европската интеграција, мултикултурализмот и нудејќи идеи за хипердемократија, партиите на новата радикална десница се појавуваат како сериозна и единствена алтернатива на традиционалните умерени политички партии. Исто така, за подемот на радикалната десница важна улога имаат и нивните лидери и нивниот начин на функционирање. Најчесто на чело на политичките партии на новата радикална десница се наоѓаат млади, силни, харизматични и високо образовани лидери. Лидери, кои успеваат да се прикажат од една страна како непосредни луѓе, кои дискутираат на јазик разбирлив за обичниот народ, додека, пак, од друга страна се претставуваат како проповедници кои имаат специјална мисија да повикаат и да ги решат проблемите со невработеноста и имиграцијата.

 

Партиите на новата радикална десница, исто така, при нивното функционирање користат нови технологии на изборни кампањи и нови медиуми. Речиси сите партии на новата радикална десница поседуваат одлично дизајнирани веб страници, а и се активни во промовирање на нивните политики преку социјалните мрежи како Facebook и Twitter. Така успеваат да се приближат до голем број на граѓани. Посебно е интересен податокот дека додека бројот на партиски членови во умерените политички партии во Западна Европа се намалува, политичките партии на новата радикална десница успеваат да регрутираат и да вклучат во политика голем број на млади луѓе.


- Кога народот не живее добро, а умерените опции само ја репродуцираат состојбата на статус кво во системот, очекувана реакција е посегнувањето по радикални решенија. Зошто токму радикалната десница, а не радикална левица?


- Додека радикалната левица повикува на солидарност, обединување и радикални промени во општественото организирање, радикалната десница говори дека имигрантите и процесот на глобализација се главните виновници за зголемување на невработеноста во европските општества, а посебно за тешката економска состојба на работничката класа. Најчесто граѓаните кои се наоѓаат во тешка економска положба се идентификуваат со политики кои нудат едноставни решенија преку проектирање на непријатели (имигранти, малцинства, ЕУ). Во период кога синдикатите се слаби, а работничките партии се или во слободен пад или пак концентрирани кон средната класа, партиите на новата радикална десница се нудат како единствена опција за припадниците на работничката класа.


- Иако надвор од Унијата, како држава во која подолг период владее десничарска партија и чиј електорат е сè повеќе евро-скептичен, дали би можеле да ја вклопиме и Македонија во овие општествени трендови?


Македонија се наоѓа во тотален идеолошки хаос. Имаме многу кревко идеолошки профилирани партии и многу малку луѓе гласаат поради идеологија. Тоа е состојба која што во Република Македонија се провлекува од прогласувањето на нејзината независност, па се до ден денес. Колку за илустрација: од една страна во деведесетите години на 20 век имавме состојба кога на власт беше социјал-демократска партија која наместо да ги брани работничките права и да се залага за солидарност, произведе огромна група на стечајци. Од друга страна, пак, денеска на власт имаме десничарска партија, која во своето делување многу често прибегнува кон спроведување на политики кои припаѓаат на левата страна од идеолошката оска.

 

Тој идеолошки хаос може и визуелно да се забележи по боите на партиите. Обично партиите, кои припаѓаат на левата страна од идеолошката оска се поврзуваат со бунтовната црвена боја, но сепак, во Македонија, претставникот на левиот дел (СДСМ) се врзува за сината боја. Од друга страна, конзервативните партии во светот се препознаваат по аристократската сина боја, но повторно најголемата конзервативна партија во Македонија (ВМРО – ДПМНЕ) е позната по црвената боја.

 

Македонските политички партии, особено во последиот временски период при нивното делување ја применуваат catch-all стратегијата, односно прибирање на што е можно поопширен електорат и прилагодување на неговите барања, без притоа стрикно да се придржуваат во идеолошките рамки. Во таа насока, ние сме многу далеку од проблемите кои произлегуваат од партиите на новата радикална десница и за среќа не можеме да кажеме дека постои сериозна политичка партија која што може да се смета за таква.

 

Евроскептицизмот, пак, според мене е негативна појава, која што е резултат на два моменти: перцепцијата на македонските граѓани дека и во Европа состојбите баш и не можат да бидат карактеризирани како мед и млеко и секако проблемот околу нашето име со Грција. Верувам дека со секое следно вето врз македонскиот прогрес кон ЕУ од страна на Грција скептичноста кон Европската унија во Република Македонија ќе се зголемува.


- Колкаво влијание може да има новиот состав на Европскиот парламент врз процесите на одлучување и интеграција на Европската Унија?


На самиот старт би сакал да потенцирам дека и во претходните пет години процесот на проширување не беше главната преокупација на ЕУ. Акцентот беше ставен повеќе на внатрешните проблеми и економската криза.

 

Денеска, нема дилема дека последните избори за пратеници на Европскиот парламент предизвикаа земјотрес на европската политичка сцена. Во изминатиот период во Македонија имаше бројни теоретичари и експерти кои тврдеа дека подемот на партиите на новата радикална десница во Европскиот парламент претставува крај за Европската унија. Меѓутоа, не сакам да ширам паника и сметам дека тоа не е точно. Точно е дека е проблематично што бројот на пратеници на таквите партии во Европскиот парламент е зголемен, меѓутоа ако направите споредба помеѓу резултатите на изборите во 2009 и 2014 година, ќе забележите дека партиите кои припаѓаат на новата радикална десница освоиле само 1,8 проценти повеќе гласови на изборите во 2014 година во споредба со изборите во 2009 година.


Податокот кој загрижува е што зголемувањето од 1,8 проценти предизвикало зголемување на пратенички места на партиите на новата радикална десница дури за цели 33 мандати. Сепак, таквиот подем во мандати се должи на големиот успехот на Националниот фронт во Франција и УКИП во Британија,а разочарувачките резултати на умерените партии во овие две држави. Европскиот парламент во наредните 5 години ќе биде многу бурна и интересна институција за набљудување. Еден од најголемите апсурди и лицемерие во оваа состојба ќе биде податокот дека една третина од пратениците во Европскиот парламент ќе сметаат дека ЕУ не треба да постои, но сепак ќе земаат пари од постоењето на таа идеја.

 

Меѓутоа, треба да имаме во предвид дека умерените партии, кои имаат позитивен став кон ЕУ се уште го имаат мнозинството во Европскиот парламент. Можеби ќе биде потешко да се протуркаат определени идеи за понатамошна интеграција и проширување, но сепак тоа нема да биде невозможно. Олеснителна околност за умерените партии во Европскиот парламент е што новата радикална десница во Европскиот парламент ќе дејствува доста хаотично и разединето. Пред неколку дена, Ле Пен, изјави дека нема намера да коалицира со Златна Зора или Јоббик, сметајќи дека овие две партии се премногу радикални дури и за една партија како Националниот фронт.

 

Не сметам дека новонастанатата ситуација е пресудна за Европската унија. Партиите на новата радикалната десница создадоа одреден капитал, меѓутоа клучот е како ќе одговорат умерените партии. Историјата ни говори дека во последните три децении рејтингот на партиите на новат радикална десница постојано варирал и тоа најчесто во зависност од реакциите на поумерените партии. Успехот на умерените партии е клучен за неуспехот на партиите на новата радикална десница, и обратно.

 

Секако, развојот на ситуацијата треба будно да се следи. Доколку не се работи само за своевидно казнување на умерените партии од страна на народот и протест против глобализацијата и функционирањето на ЕУ, туку за подем на вредностите на фашизмот, треба сериозно да се реагира. Политичарите од умерениот политички блок наместо на идејата за ЕУ да гледаат како механизам за остварување на своите лични интереси потребно е повторно да ја вратат довербата на обичните граѓани во ЕУ. И покрај се, дури и најголемите евроскептици сакале или не, мора да признаат дека идејата за ЕУ придонесе на тлото на Европа да владее константен 70 годишен мир. Константен мир, кој претходно на тлото на Европа никогаш не бил постигнат.


Јана Колева

 

 

Објавено: 12.06.2014 14:22

Lisa:

Ova intervju e dokaz deka i mladosta nosi vo sebe ogromen potencijal-samo treba da im se dade moznost na vistinskite licnosti (novinar/ politikolog).
Ima nadez za Makedonija samo ako pravi lugje dojdat na vistinski mesta. A ovie dvajca zasluzuvaat da imaat svoj prostor vo eterot.

Објавено: 11.06.2014 22:34

Vera:

Dvoecot Koleva -Krtolica im udrija samar na mnogu veke renomirani novinari i analiticari vo Makedonija. Gi somlea

Објавено: 11.06.2014 22:20

drakce:

Ako novinarkata iznajde poveke vakvi analiticari mozebi nivoto na politicki analizi ke se izdigne na povisoko nivo

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:

Најчитани вести од последните 24 часа

Најкоментирани вести од последните 2 недели


/style/images/intervju-title.jpg

Ако неплаќањето беше олимписка дисциплина ќе земевме медал

http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/goran rafajlovski.jpg Објавено: пред 18.09.2014 12:00
Прочитано: 3402

Горан Рафајловски

http://images2.plusinfo.mk/gallery//izvori/plusinfo.jpg
safe_image.jpg
За патриотизмот и лојалноста (2)
Ненад Живановски
15.10.2014
Gero profil picture.jpg
Балкански дронови
Бранко Героски
15.10.2014
dragan mlosavljevik.jpg
Срамот наречен Кобане
Драган Милосављевиќ
14.10.2014
повеќе колумни>>