Последна промена пред 10 години | Сабота 21 Септември 2024 | 0 0
http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/ljubco-georgievski.jpg

Во врвот на ВМРО-ДПМНЕ има најмалку дваесет бугарофили, а партијата глуми антибугаризам

  • Љубчо Георгиевски

  • Прочитано: 18790
  • 31.03.2014
Сподели со твоите пријатели!

Останатo од Љубчо Георгиевски







Љубчо Георгиевски изоде долг пат во македонската политика, а неговите ставови и политички погледи постепено и суптилно еволуираа. Од тврд националист во младоста, чии несомнени заслуги во процесот на осамостојувањето на Македонија систематски се негираат и бришат од неговите некогашни сопартијци, денес Георгиевски остава впечаток на зрел политичар, кој зборува со јазикот на разумот и толеранцијата, со модерни и јасни визии за европска и демократска Македонија, која живее во хармонија со соседите и светот. Иако со овој пристап, кој во последно време уште подецидно го заговара, Георгиевски не може да го повтори популистичкиот успех од 90-тите, тој и неговата партија жилаво опстојуваат на политичката сцена. Деновиве ВМРО-Народна партија ги претстави своите носители на шесте пратенички листи за претстојните парламентарни избори.  

 


Господине Георгиевски, на овие предвремени парламентарни избори ВМРО-НП ќе настапи со слоганот „Европа сега“. За 24 години ниту една влада, вклучувајќи ја и вашата, не можеше да го реши спорот со името меѓу Македонија и Грција. ЕУ, НАТО, подобра економија промовираат сите партии на избори. Во што ќе се разликува вашиот концепт?


- Се согласувам со вас дека сите политички партии зборуваат за Европа и за НАТО, меѓутоа веќе станува политички невкусно или несериозно ако некој политичар ви кажува дека е за Европа, а во исто време во втората реченица кажува дека тој цврсто ќе ги брани националните интереси докрај, дека нема да направи никаков компромис, како што е последната кампања на господинот Ѓорге Иванов. Нему првиот слоган му е „Европа во Македонија“, што е, всушност, плагијат на нашиот слоган, а веќе во втората реченица вели дека тој нема да попушти за ништо и за никаков компромис.Ние не сакаме да се убедуваме со трикови, туку многу директно да им ги кажеме на луѓето пораките и политиката на меѓународната заедница, а тие се многу јасни, ако сакаме влез во ЕУ и во НАТО, тогаш треба да направиме компромис. Е токму тоа е различното кај ВМРО-НП. Од поголемиот дел на македонските политички партии, ние сме свесни дека по 24-годишна битка, за да го добиеме тоа што сите заеднички го сакаме, треба да признаеме дека Македонија треба за меѓународна употреба да стави дефинитивно некаква додавка, или уште подобро додавката БЈРМ да ја замениме со некоја друга, во конкретниот случај „Горна Македонија“. На овие избори граѓаните имаат право да одлучат дали ќе изберат некоја партија која уште четири години ништо нема да помрдне, или конечно како политички одговорни луѓе ќе го направиме чекорот напред, ќе го решиме проблемот, ќе влеземе во НАТО и ќе почнеме преговори со ЕУ. Ние се повикуваме на тие луѓе, кои наместо емоциите, ги води рационалното политичко размислување и соочување со политичката меѓународна реалност, каде што гледаме дека диктира силата, не диктираат правдата и моралот, и не само во македонскиот случај туку и во многу други случаи.

 


По дефиниција вашата партија е со десничарска ориентација, што би значело тврди ставови за прашања од национална природа. ВМРО-НП и на претходните избори пред четири години ветуваше – ако добиеме мандат, ќе го затвориме проблемот со името. Колку тој концепт и тогаш и сега ѝ оди на штета на ВМРО-НП?

 

- На последните избори не бевме толку децидни, иако се препознаваше тој стил. Морам да кажам дека како прв македонски политичар, уште пред Букурешт, објавив едно отворено писмо. Тогаш беше Бранко Црвенковски претседател, а Никола Груевски премиер. Напишав дека сега е времето да го постигнеме најдобриот договор. За жал, тогаш имаше и многу повеќе критики отколку сега, што значи дека дел од македонската политичка јавност веќе има сфатено дека не може на друг начин да го решиме проблемот.Апсолутно се согласувам дека ова ми штети. Сигурен сум дека повеќе гласови ќе освојам ако кажувам – да, вие сте во право, ние Македонците сме во право, ние сме најстари, најпаметни, најубави, сите нѐ мразат. Таа реторика функционира во Македонија, но јас никогаш не сум бил таков политичар. Јас се обидувам на граѓаните да им кажам дека никој нема да ни го реши проблемот ако ние самите не го решиме и тука е одговорноста не само на политичарите, тука е одговорноста и на оние што креираат јавно мислење, а конечно и одговорноста на граѓаните. Зашто, ако тие поддржуваат политика која вели ќе бидеме уште четири години овде каде што сме сега, никој не им е виновен, тогаш очигледно дека оваа политика им се допаѓа. Она што сакаме да го промениме е да создадеме што пошироко граѓанство, кое ќе се согласи со тоа дека треба да направиме рационален чекор. Србите беа и поголеми националисти и поголеми патриоти и тоа го докажаа, но на крајот го направија компромисот, кој е петпати потежок од нашиот што треба да го направиме. Улогата на политичарот е да разбива општоприфатливи мислења, кога се гледа дека тие не даваат резултати.

 


Дали Македонија си ги создава сама проблемите со Бугарија?

 

- Апсолутно! Македонија по 20 години не може да се ослободи од југословенската шема спрема Бугарија и јас сум за таа работа многу јасен гласноговорник. Мене ми е жал што она што беше наша борба против СДСМ, против тој ирационален антибугаризам во раните 90-ти години, денес тоа го прави партијата ВМРО-ДПМНЕ. Партијата што е наследник на ВМРО и партијата што јас велам дека до ден-денеска го има најголемото бугарофилско крило, во сопствените редови. Таму има барем добри 20 високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои јас ги паметам како многу големи бугарофили од моето време. Така што за мене е тоа една парадоксална ситуација. Јас навистина не знам колку тоа им носи поени и рејтинг и не знам дали тие 3-4 отсто вредат за штетите што ги добиваме на меѓународен план. Ние водиме ступидна надворешна политика кога дозволивме од Бугарија, која со два-три збора можеше да биде нашиот најголем борец за меѓународната интеграција, да направиме сојузник на Грција и од 1:0, сега имаме 2:0. Проблемот со Бугарија се решава брзо и сметам дека брзо може да го затвориме.

 

На овие избори ВМРО-НП нема да биде дел од ниедна коалиција. Зошто одлучивте така? Погрешен ли беше вашиот чекор што направивте сојузништво со СДСМ или излегувањето од коалицијата е за да им ја расипете математиката на предвремените парламентарни избори на премиерот Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ?

 

- Не е погрешен чекорот што направивме коалиција со СДСМ. Покажавме дека во Македонија има партии што знаат што значи поширока и државна одговорност. Јас еднаш тоа го покажав и во времето на кризата, кога направивме широка коалиција со СДСМ во 2001 година. И тоа сега беше вторпат, иако меѓу овие две коалиции имаше многу зла крв, тешки зборови, многу напади. Сметам дека ова е добра практика да се покаже кога двајца политички противници, во интерес на нешто поголемо, знаат да направат договор. Успеавме тоа ниво да го задржиме до крајот и можеби тоа е една од ретките коалиции што се растура не со лоши зборови и повторно со зла крв.Растурањето на таа коалиција некако беше природно. Можеби тоа беше темпирано за малку подоцна, меѓутоа стана некако природно можеби и од двете страни. Прво од страна на СДСМ, тие инсистираа на некој свој концепт кој е поблизок до нивниот идеолошки. А сега, кога го чувте и нашиот концепт за брз компромис со Грција, брз компромис со Бугарија како втор проблем што треба да го решиме, кога настапуваме со политика за стопирање на антиквизацијата како најголема промена на македонскиот идентитет, јасно ќе се види дека идеолошки се разликуваме со СДСМ, бидејќи тие за сите овие прашања имаат резерви, но немаат децидни политички ставови. Ако сакате да ја споредите ВМРО-НП со сите други политички партии идеолошки, ќе утврдите дека сме нешто различно. Па кога сме различни, зошто да не одиме сами. Тоа беше мотивот.

 

Во кампањата најавивте дека ќе бидете расположени и отворени за дебата, но велите дека нема да навлегувате во лични конфронтации или дискредитирања. Омилена тема на премиерот Груевски е Бранко Црвенковски, меѓутоа никогаш не ве нападнал вас. Зошто? Ве почитува како негов поранешен шеф, во вашата влада беше министер, некогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, или, пак, е свесен дека имате контрааргументи?

 

- Кои се мотивите за тоа, не знам, меѓутоа тоа што самиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Никола Груевски, не ме нападнал, не значи дека ВМРО-ДПМНЕ не ме напаѓа. Напротив. Можам да кажам дека станува збор за добро дефинирана игра. Прво, моите најблиски луѓе имаат перманентен притисок во овие седум години наназад, толку голем притисок што јас слободно можам да го изедначам со оној притисок што претходно беше од СДСМ. Тука станува збор за директен притисок, со купување луѓе за работни места, па до таму каде што не може да ги скршат со затвори и со затворање. Втората работа, што е посуштинска, во најголемите и најжестоките напади со СДСМ никогаш не е направен обид за моето бришење од историското место во овие 20 години македонска демократија. Ако ги погледнете сите овие документарци што се изнаснимија во последните две-три години, вие ќе видете дека главната цел е таму да се минимизира мојата улога во создавањето на самостојна и независна Македонија, како и улогата во формирањето и основањето на ВМРО-ДПМНЕ. Од тоа поголем напад нема. Едно е да ве дискредитираат со некаква афера, но најлошо е да ја избришат позицијата на една личност во историјата. Тука овие од ВМРО-ДПМНЕ ја играат највалканата можна игра.


Успеваат ли во тоа?

 


- Па најверојатно успеваат кај некои помлади генерации, кои сега, да речеме, мора да се занимаваат со политика на 18, 19 или на 20 години. Според моите информации, тие не го паметат Љубчо Георгиевски како вистински основач на ВМРО-ДПМНЕ, тие не го помнат тоа време. Но, се надевам дека оние личности што ја следат политиката подолго време, добро знаат која беше мојата улога и во основањето на Македонија и уште повеќе на ВМРО-ДПМНЕ и во борбата да биде она што е денес.

 

ВМРО-НП на овие избори кампањата ќе ја води на интернет и со средби со граѓани. Нема ли да држите митинзи?

 

- Да, ќе нѐ има на интернет, ќе има средби со луѓе и отворени сме за дебата со сите политички противници што сакаат да дебатираат, за она што сметаат дека кај нас е проблематично. Одлучивме така, затоа што искуството од последните парламентарни избори беше многу лошо. Тие митинзи беа искористени практично да ни ги фотографираат и да ни ги снимаат луѓето и потоа им вршеа притисок. Тогаш 200 наши посматрачи се откажаа на два дена пред изборите, затоа што некој им извршил притисок. Ова со митинзите веќе нема смисла. Практично, кога одите во еден град, прашање е дали од тоа место имате 20 отсто присутни, сите други се носат со автобуси од други градови. Тоа изгуби секаква смисла. Во една вистинска и реална демократија, повторно ќе има шанса за митинзите, тогаш човек повторно ќе може да оди на митинг и ќе знае дека ништо нема да му фали наредниот ден.

 


Дали Македонија е земја-заложник на политички инает, земја на политички затвореници и на медиумски мрак?

 

- Од сѐ по нешто. Демократијата е првата работа за која ВМРО-НП ќе се бори. За жал, тој систем што го дефиниравте на почетокот, се остварува преку казнената политика. Имаме високи економски казни, со кои луѓето ги држат под контрола и во одредено време се уценувани. Ќе видите сега за изборите колку казни од 2.000, 3.000, 5.000 евра ќе бидат простени, ама тие луѓе ќе треба да донесат 100-200 гласачи, наспроти нив другите ќе си ги платат казните.Ние имаме севернокорејски кривичен систем. Македонија е земја каде што за дело што не е убиство имате изречена доживотна казна затвор. Македонија е единствена држава каде што таксисти што носат илегалци, се казнуваат со 12 години затвор. Во Италија за такво дело казната е условна. Ние сме единствена држава каде што казната затвор за даночно затајување е над 10 години. Казните за даночното затајување не се денес како во времето на Ал Капоне, има друг начин на казни - да го платите данокот, а затворскиот дел е симболичен. Ние имаме спротивна политика - фирмата ја уништувате, сопственикот го праќате во затвор, а државата не може да ги врати парите. Тотално е бесмислено.       


Катерина Гетева
(Објавено во „Слободен печат“)



/style/images/posledni.jpg

Последни коментари (0)коментари

Прочитај ги сите коментари:

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:

Најчитани вести од последните 24 часа

Најкоментирани вести од последните 2 недели


/style/images/intervju-title.jpg

Ако неплаќањето беше олимписка дисциплина ќе земевме медал

http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/goran rafajlovski.jpg Објавено: пред 18.09.2014 12:00
Прочитано: 3402

Горан Рафајловски

http://images2.plusinfo.mk/gallery//izvori/plusinfo.jpg
safe_image.jpg
За патриотизмот и лојалноста (2)
Ненад Живановски
15.10.2014
Gero profil picture.jpg
Балкански дронови
Бранко Героски
15.10.2014
dragan mlosavljevik.jpg
Срамот наречен Кобане
Драган Милосављевиќ
14.10.2014
повеќе колумни>>