Последна промена пред 10 години | Сабота 21 Септември 2024 | 0 0
http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/Stevo Pendarovski.jpg

Интервју со Стево Пендаровски, универзитетски професор: За првпат во независна Македонија имаме и меѓумакедонски тензии

  • Стево Пендаровски

  • Прочитано: 15225
  • 31.01.2012
Сподели со твоите пријатели!

1. Како ја оценувате сегашната безбедносна состојба во Македонија по неодамнешните случувања во Струга, каде неколкупати беше запалено македонското знаме, каменуван автобус и испишувани недолични коментари против „каурите“?

 -Запалено знаме или шовинистичка парола не можат да растурат држава, тие се симптом на болеста која се развива во организмот. Постарите го паметат митот за распадот на поранешна Југославија кој наводно почнал кога навививачките групи на хрватски и српски клуб се пресметувале меѓу себе. Се разбира дека само изјава или збор не можат да дестабилизираат систем, теренот за лошите работи се подготвува подолг период. Мој впечаток е дека во даденава ситуација власта не посветува внимание на симптомите кои ја разградуваат државата. Веројатно затоа што нон-стоп привлекува странски инвестиции и гради сосема други објекти.     

2. Сметате ли дека Вевчанскиот карневал е вистинската причина, односно иницијалната каписла за смртните закани испратени од муслиманите до православните верници во Македонија, или зад сето ова стои поголемо сценарио за дестабилизација на Македонија?

-Не постои држава во која народот не верува во задгранични сценарија наспроти себе, но, кај нас проблемот е поголем – овде власта и интелектуалците што ја поддржуваат веруваат во разни сценарија - повеќе од народот! За жал, не ја научивме лекцијата од 2001 година кога Македонците веруваа во сценарија, а некои други упорно бараа пријатели низ светот кои ќе ја поддржат нивната кауза. Кога обичните граѓани веруваат во приказни тоа е лошо за нивните семејства, ако власта евентуално верува во сценарија против Македонија, тогаш е лошо за сите нас.  

3. Како ја оценувате моменталната безбедносна состојба во Косово, дали развојот на настаните може да влијае на безбедноста на Македонија, што би се случило доколку дојде до поделба на Косово и како тоа ќе се рефлектира во Македонија?

-НАТО на Косово успеа да ја замрзне воената димензија на кризата и таа сега тече само на политички и институционален план.  Моја проценка е дека Алијансата има капацитет да не дозволи воена ескалација меѓу страните, иако конфликтот таму и реално не може да се добие само со употреба на сила. Парадоксално за нас е што ние не треба да се плашиме толку од воена ескалација на северот на Косово, колку од експлицитен или имплицитен договор за поделба меѓу Белград и Приштина во време на мир. Инаку, во изминативе дваесет години не сум чул изјава на ниту еден релевантен странски експерт кој тврди дека евентуалната подолба на Косово нема да има последици за Македонија. Се разбира, не затоа што тоа би било праведно, туку тој заклучок логично се наметнува со следење на генезата на двата се уште најсилни национализми во регионот.   

НЕМАМЕ ШАНСИ ВО ЧИКАГО

4. Мислите ли дека владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ, стои на здрави нозе, или тоа е само привиден момент. Дали можете да оцените како функционира оваа коалиција и кои им се всушност приоритетите?  

-Од надвор коалицијата изгледа стабилна, а ретките спротивставени изјави во јавноста се наменети за партискиот електорат на едната или другата глава во владата. Кога би било поинаку, дисонантноста по одредени прашања би ја решавале низ меѓусебни средби, а за такви немаме чуено. Патем, владината коалиција од самиот почеток има двојна агенда – една, јавно декларирана и друга. По самитот на НАТО во Чикаго постојат изгледи да остане во сила само втората, затоа што на сите ни е јасно дека Грците се виновни за многу работи, но, невозможно е дека се виновни за се.    

5. Меѓународната кризна група на почетокот на годинава оцени дека нема реална опасност од појава на конфликт на македонска територија, а велат дека Грција се уште има право да ги кочи евроинтеграциските процеси на Македонија. Ваш коментар на ова?

-За наша среќа, првата констатација е точна – нема индикатори за иминентен конфликт кај нас, но, има процеси кои постепено ја разградуваат довербата во институциите.  За наша несреќа и втората констатација е точна – и ЕУ и НАТО според конститутивните документи почиваат на консезус за овие прашања и тука е огромната стартна предност на Атина. Меѓутоа, она што мене ме загрижува во последниот извештај на Кризната група е нивното предвидување дека државата може да се распадне до 2014 ако Владата не ги промени магистралните политики кои ги спроведува без остаток. Ваква застрашувачка проценка Македонија нема добиено во нивните извештаи од 2001 наваму. Јас лично мислам дека тоа предвидување е претерано, но, ако веруваме во сценаријата од почетоток на разговоров, можеби тие знаат нешто што ние не знаеме?

6. Годинава во април, во Чикаго, САД е следниот Самит на НАТО. Сметате ли дека Македонија има реална шанса да се надева на покана за членство во Алијансата и доколку нема, што сметате дека е потребно државата, односно владата во иднина да направи за да се приклучиме кон НАТО?

-Според текот на настаните, Македонија нема ниту теоретска шанса да добие покана во Чикаго затоа што условот за тоа ни е соопштен одамна, а последните разговори кај Нимиц пропаднаа пред и да почнат. Во овој контекст е интересна изјавата на првиот човек на владата кој вели дека сите треба да лобираме за влез во НАТО објаснувајќи ја со тоа офанзивата на министерот за одбрана кој до мај ќе ги посети сите земји-членки на Алијансата, да ги убедува да не примат. Одамна немам чуено за поскапа, а помалку корисна иницијатива на еден министер, освен ако не станува збор за одржување на неговата физичка кондиција. Да појаснам - со ваквото „лобирање“ ние во суштина ќе го клонираме Мартин Треневски кој повеќе од година дена во Брисел упорно се труди да го смени механизмот на НАТО за прием на нови членки.

7. Како гледате на долгогодишниот спор со Грција за името, сега, по смената на власта кај јужниот сосед и како го коментирате „тврдиот став“ на новиот премиер Лукас Пападимос кој во неколку наврати избегнува средба со Груевски. Верувате ли дека се води некаква тајна дипломатија во моментов и која е вашата проценка, дали и кога конечно може да се реши ова отворено прашање?

-Мојата скромна проценка е дека спорот за името е најтешкиот проблем кој Македонија го имала од својата независност до денес и неговиот габарит сигурно ги надминува капацитетите на еден човек, партија или влада. Токму знаејќи ја структурата на спорот, Грција пред неколку години со широк консензус ја изгради својата државна позиција, а кај нас, сите што предлагаат алтернатива на молчењето во континуитет  кај Нимиц, ги деградираат во статус на национални предавници. Таква категорија на луѓе засега не постои во Атина, затоа што таму сите стојат зад истиот став. Затоа и сметам дека квалификацијата во прашањето е непрецизна затоа што или Пападемос нема „тврд” став или, уште поточно, сите во Грција се „тврди” за ова прашања. Зборувајќи за втор или позадински канал во преговорите, верувам дека никој нема против ако е нужен за суштински пробив во разговорите, но за тајна дипломатија е потребен крупен дипломатски калибар кој ги разбира стратешките интереси на Македонија на долг рок, во историска перспектива. Таков кадар оваа влада ниту имала, ниту има на располагање. За шансите за решение, бидејќи најмалку неколку домашни, грчки и меѓународни фактори се постојано во игра, тешко е да се процени дали друга политичка постава на власт во Скопје тоа прашање дефинитивно ќе го реши, но, сегашната сигурно нема да го решава.

ДАЛИ НА БАЛКАНОТ Е ЗАВРШЕНА ЦЕЛАТА РАБОТА?

 8. Дали ВМРО-ДПМНЕ вистински сака Македонија да влезе во ЕУ и НАТО?

-Тоа е една од вечните дилеми во политиката, ретко разбрана, уште поретко соопштена на граѓаните – колку изборната реторика се поклопува со конкретната политика во вашиот мандат. На формално ниво, (не знам точно на која страна), знам дека денешната влада интеграциите се уште ги држи во својата програма, наспроти изјавата на премиерот дека ние сме несаканото дете на Европа. Сепак, околу тоа дали владејачката партија вистински сака да влезе во ЕУ и НАТО, треба да ги прашате политичките психолози кои ја проучуваат мотивацијата за бавење со јавни работи.

9. Сметате ли дека нагласениот национализам и патриотизам во државата може да донесе меѓуетнички, меѓуверски, па дури и меѓумакедонски тензии?

-Ние до сега немавме директен конфликт, но подолг период назанад имавме и имаме тензии и меѓуетнички и меѓуверски и меѓу-македонски. Примерите ни се пред очи, заради меѓуетничка тепачка Калето е затворено цела година, тензиите на релација Струга-Вевчани имаат меѓурелигиски елемент, а Скопје 2014 и според анкетите отвори расцеп меѓу таканаречените антички и словенски Македонци. За волја на вистината,  првите два типа на тензии ги имавме и порано, но последнава, за жал, никогаш порано во независна Македонија.

10. Уставниот суд го блокираше процесот на лустрација. Дали мислите дека на Македонија и треба лустрација и ако и треба, како мислите дека таа треба да изгледа, а да биде релативно објективно изведена?

-Малку вреднуван факт е дека од битните законски проекти, освен Законот за приватизација, само уште Законот за лустрација е донесен со поддршка на двете најголеми македонски партии. Тоа потврдува дека нема поголема дилема кај релевантните политички субјекти дека на Македонија и треба лустрација кога веќе пропушти да ја направи пред 20 години. Значи, лустрација–да, но, каква? Нема пример на успешна европска лустрација каде што таа важи до 2019 година. Нема праведна лустрација во која сразмерот на лустрирани бивши и сегашни функционери е 10 на 1 во корист на бившите, а од сегашните ниту еден не е близок на актуелната власт. Нема кредибилна лустрација со комисија чии членови не разликуваат досие на соработник од досие на следено лице. Или, кој ќе верува дека со надгласување се прогласуваат за чисти двајца апла соработници чии досиеја имаат повеќе од 500 страници секое, и така натаму.

11. И за крај, каква е вашата анализа за состојбите на Балканот во блиска иднина. Што посакуваат САД и Европската Унија за овој дел од Европа?

-Во првата деценија по комунизмот, САД и Европа го менаџираа процесот на распаѓање на Југославија што подразбираше и влечење нови граници на Балканот, а во втората асистираа во стабилизирање и демократизирање на новите држави и ентитети. Последниве години, Европа заради внатрешните проблеми, а САД заради стратешкото реориентирање кон Азија, повеќе не го прават ова второво. Денес за Западниот Балкан останаа да се грижат „само” неговите избрани политички  елити кои на дневна основа не „уверуваат” во својот демократски капацитет. Со де факто повлекувањето на Брисел и Вашингтон од регионот, нашиве политичари конечно се оставени на раат од здодевните екстерни евалуатори. Денес сум сигурен во една работа:  Војните со пропорции како оние од 1991-1995 се дефинитивно дел од историјата. Но, во една друга работа не сум сосема сигурен: Дали на Балканот е завршена целата работа? На пример, една од највлијателните европски институции за стратешки анализи, Берлинскиот институт за меѓународни и безбедносни работи, во својот најнов извештај пласира неколку интригантни тези. Во текстот во кој се зборува за „мобилни граници” во Европа, ја советуваат германската влада да не се противи на евентуалната сецесија на Шкотска од Велика Британија, Валонија од Белгија и Каталонија од Шпанија. Но, ако границите во старата Европа не се конечни, зошто би биле конечни границите на Балканот? Мојата последна дилема е: Дали воопшто некој во Македонија мисли за овие работи?

Петре Ристовски

 

 

 

/style/images/posledni.jpg

Последни коментари (0)коментари

Прочитај ги сите коментари:

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:

Најчитани вести од последните 24 часа

Најкоментирани вести од последните 2 недели


/style/images/intervju-title.jpg

Ако неплаќањето беше олимписка дисциплина ќе земевме медал

http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/goran rafajlovski.jpg Објавено: пред 18.09.2014 12:00
Прочитано: 3402

Горан Рафајловски

http://images2.plusinfo.mk/gallery//izvori/plusinfo.jpg
safe_image.jpg
За патриотизмот и лојалноста (2)
Ненад Живановски
15.10.2014
Gero profil picture.jpg
Балкански дронови
Бранко Героски
15.10.2014
dragan mlosavljevik.jpg
Срамот наречен Кобане
Драган Милосављевиќ
14.10.2014
повеќе колумни>>