Последна промена пред 10 години | Петок 03 Мај 2024 | 0 0

Претставата „Нашиот клас“ собира награди надвор, а фестивалите дома ја прескокнаа

  • Објавено: 15.10.2014 14:45
  • Прочитано: 958
  • Печати
Маја Васева

Претставата „Нашиот клас“ во продукција на Театарот за деца и младинци доживеа голем успех и неверојатен прием во Крагуевац, Србија, на деветиот „Јоаким интерфест“. Жирито го закити ова дело со награда за најдобра претстава во целина, а признание доби и сценографијата која ја изработи Крсте Џидров. Публиката ја поздравила изведбата со овации и долги аплаузи, а комплименти поделиле и колегите од останатите театри, вели екипата на Театарот задоволна од сработеното.

Најголеми пофалби претставата добила од селекторот на фестивалот, Горан Цветковиќ, кој инсистирал оваа година „Нашиот клас“ да гостува во Крагуевац откако ја гледал премиерата во Скопје пред пет месеци. Селекторот, велат одговорните за оваа претстава, ѝ го дал најголемото признание велејќи дека од сите изведби на текстот кој ги проследил, оваа е неоспорно најуспешната. 

Во образложението на жирито на фестивалот се вели дека „сите елементи на театарското дело се доведени до врвот, испреплетувајќи се така и толку што се претвораат во она другото. Пред нашите очи, вели жирито, костимот се претвора во актерска уметност, актерската уметност во архитектура, сценографијата во музика, музиката во збор, зборот во слика, сликата во мисла, мислата во глума“.

Како што вели режисерот, професор на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), Владимир Милчин, образложението на жирито за двете награди вреди колку и самите награди.

- Во него се повторува реченица на нашите колеги дека ова е претстава во која сите елементи дишат заедно. Сите актери се активни од почеток до крај без оглед на тоа дали имаат или немаат текст. Таа колективна посветеност се повторуваше како лајт мотив. Никој не правеше разлика помеѓу возрасен и помлад актер, постарите делуваа како да се подмладиле – објаснува режисерот.

Тема на фестивалот во Крагуевац оваа година е „Војната во неа и околу неа“. Милчин вели дека „Нашиот клас“ точно ја погодува темата. Дејството се случува за време на Втората Светска војна во училница која функционира и како гасна комора. Приказната се осврнува на позицијата на Еврите и Полјаците во тогашните политички превирања. На прашањето како темата корелира со нашето секојдневие, режисерот вели дека не се само Евреите – Евреи, туку дека секој може да се најде во улога на жртва. Целта на уметникот, вели, е да ги воочи и на време да ги посочи епидемиите како фашизмот, расизмот и национализмот, пред да бидат изгубени човекови животи.


- Една од илузиите во кои живееше светот по Втората светска војна е дека никогаш повеќе нема да имаме погроми, антисемитизам, повампирен фашизам, но се покажа дека тоа не е вистина. Ако сакате и кај нас. Битола е град од кој најголем број Евреи се одведени во логорот Треблинка. Денеска таму се појавуваат кукасти крстови и антисемтиски пароли. Загрижува тоа што со летаргија се преминува преку овие појави и тоа може да биде крајно опасно. На ваквите појави треба да се реагира навремено за да не се прошири заканата од епидемија. Пикањето под килим е крајно неодговорно, а уметниците имаат дожност да бидат одговорни кон себе и кон општеството во кое живеат – вели режисерот.

Текстот, додава тој, е еден од најдобрите за поставување и зборува за пресвртот кога жртвата станува џелат поради своите фрустрации.

Драмскиот текст е дело на Тадеуш Слобоѓанек, а директорот на Театар за деца и младинци, Драган Довлев, вели дека ова е најбараниот текст во моментов во Европа. Додава дека „Нашиот клас“ е претстава која може да стои рамо до рамо со претставите кои не се наменети за деца.

 

- За прв пат во историјата на театарот сме селектирани на фестивал кој не е детски. Селекторот Горан Цветковиќ присуствуваше на премиерата и на негово инсистирање добивме покана да се натпреваруваме во официјална конкуренција за наградата. На овој начин покажавме дека можеме да се носиме рамо до рамо со театрите за возрасни – посочува тој.

Пред гостувањето на фестивалот во Србија, претставата беше изведена и на прилепскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, како и на МОТ. За искуството во Прилеп, Довлев потсетува дека од 15 доделени награди, „Нашиот клас“ не доби ниедна. На прашањето како го толкува тоа, директорот вели дека е прашање на кое треба да се произнесат организаторите на фестивалот. Сценографот, Крсте Џидров, пак, смета дека имало нелојална конкуренција. Имено, победничката претстава „Вечната куќа“ беше за прв пат во историјата на фестивалот изведена на матичната сцена во новиот театар во МНТ. 

- Не можеме да се натпреваруваме со технологијата, со светлата и со техничката опрема. Имавме нерамноправна борба – вели сценографот.

„Нашиот клас“ и понатаму ќе биде на репертоарот на младинскиот театар, а следната изведба е во среда наредната недела.

Милчин, инаку, спрема нов проект во овој театар, но се уште е во почетна фаза на апликација за средства од Министерството за култура. Тој за сега откри само дека протагонисти ќе бидат рускиот писател Данаил Хармс и шпанскиот уметник од 18-19 век Франциско Гоја. Текстот го носи насловот „Денес не напишавме ниту еден збор“, и ќе биде оригинално дело кое ќе се развива во самиот театар. 


 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на Плусинфо

/style/images/posledni.jpg

Последни коментари (вкупно: 0)

Прочитај ги сите коментари:

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:

Плусинфо нема да објавува коментари кои содржат говор на омраза, кои дискриминираат по основ на родова, социјална, етничка припадност или сексуална определба, како и коментари кои повикуваат на етничко, верско, расно, национално или политичко насилство и нетолеранција.


ОСТАНАТО ОД РУБРИКАТА
ПОВЕЌЕ >>
За содржини постари од 01.01.2014 погледнете во нашата архива:
arhiva.plusinfo.mk

Најчитани вести од последните 24 часа

Најкоментирани вести од последните 2 недели


/style/images/intervju-title.jpg

Ако неплаќањето беше олимписка дисциплина ќе земевме медал

http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/goran rafajlovski.jpg Објавено: пред 18.09.2014 12:00
Прочитано: 3357

Горан Рафајловски

http://images2.plusinfo.mk/gallery//izvori/plusinfo.jpg
safe_image.jpg
За патриотизмот и лојалноста (2)
Ненад Живановски
15.10.2014
Gero profil picture.jpg
Балкански дронови
Бранко Героски
15.10.2014
dragan mlosavljevik.jpg
Срамот наречен Кобане
Драган Милосављевиќ
14.10.2014
повеќе колумни>>