Последна промена пред 10 години | Сабота 18 Мај 2024 | 0 0
http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/Gero profil picture.jpg

Замастената тастатура на еден протополемичар

  • Бранко Героски

  • Прочитано: 12924
  • 09.03.2012
Сподели со твоите пријатели!

Во мојата колумна во најновиот број на неделникот „Фокус“ ѝ посветив завиден простор на една необична полемика, што со мене ја отвори и ја форсира некој анонимен блогер. Свесен сум и за тоа дека дел од моите читатели вознемирив и со жестината на мојот одговор, како и со грубоста со која го „дисквалификував“ непознатиот автор на постот со наслов „Пораките на Героски“ (http://goo.gl/hzX8p). Имено, утврдив дека фактот што тој го крие својот идентитет, за слободно да ја експонира својата пизма кон мене (поистоветувајќи ме со „новинарските шарлатани кои  се додворуваат на власта“), всушност, тој ги открива карактеристичните симптоми на дпмнеовскиот кретенизам во пропагандата.

 Иако во своето второ продолжение на полемиката со мене (http://goo.gl/PQLs1), авторот гради нова поза, обидувајќи се да ја „приведе“ мојата разложна грубост како доказ дека се служам со ад хоминем аргументација и со етикетирање на еден замислен противник, тоа, сепак, не го менува клучниот симптом на слабоста на мојот соперник. Имено, тоа е навиката анонимно да се напаѓа противникот, што навистина е карактеристичен симптом на типично портокалово ментално растројство, кој се проширува и со налудничаво тропање по замастени тастатури. И да, признавам дека сето тоа ме фрустрира, бидејќи навистина е фрустрирачки со години да зборуваш и да пишуваш јавно, со име и презиме, да се изложиш, да примаш фалби, но и да трпиш навреди и закани, за некое детуле да си отвори блогче, да го скрие идентитетот, да те напаѓа и уште да те убедува дека било сеедно дали своите „аргументи“ ги изложува јавно или анонимно. Бре!

 „Доколку анонимно напишам дека Земјата кружи околу Сонцето - прашува анонимусот - зарем тоа влијае на фактот дека земјата навистина кружи околу Сонцето?“ Боже, колку глупаво прашање! Се разбира дека влијае! И Галилео Галилеј имал можност анонимно да ја потврди предноста на Коперниканскиот хелиоцентричен модел (за да избегне да заврши на клада, тој пред инквизицијата дури и се откажал од своето тврдење), но пред смртта не можел да не каже „сепак, се врти“!  За нашиот „просветлен“ полемичар, жртвата на еден Џордано Бруно, кој по цели седум години робија и измачувања, одбил да ја прифати пресудата на инквизицијата (да направи компромис, како Галилеј), за потоа да заврши на клада, е -бесмислена! Кутриот Бруно, не морал ништо да каже, а Земјата и понатаму би се движела околу Сонцето. Нели?

СЕПАК, (НЕ) СЕ ВРТИ?!

Но, да се вратиме на сржта на полемиката. Анонимниот блогер - коркач се осврнал на една моја мисла од рубриката „На втор поглед“ во дневниот весник „Фокус“: „Оваа прекрасна земја ѝ припаѓа на обединета Европа, рече вчера новиот евроамбасадор Орав. Не замерувајте му на човекот. Нов е, уште не знае кај се наоѓа“. Намерата му била да покаже „до каде може да оди непрофесионалноста и дилетантизмот на некои новинари, кои, меѓу другото, се себеумислени дека претставуваат најголеми авторитети во својата професија“. И еве ги сега клучните аргументи на полемичарот: „Зарем ’прекрасноста’ на државата (што и да подразбира Орав под тој термин) има некаква врска со партијата која е на власт? Зарем реките се помалку длабоки, а планините помалку високи, кога ДПМНЕ или СДСМ е на власт? Зарем не можам  да се залагам за департизација и демократизација на институциите, да критикувам и да протестирам против протототалитарните методи на владеење, а истовремено да не ѝ се потсмевам на државата во која живеам?“

Прочитајте го целиот текст и веднаш ќе сфатите дека анонимниот полемичар е типичен сеирџија, конформист, еден од оние луѓе кои од својот страв јавно и гласно да проговорат во каква духовна мизерија и тиранија живееме во оваа земја, упорно се обидуваат да изградат одржлива поза, став, дури и политичка доктрина, или некаква „филозофија“. Неговите фрази се еуфемизирани (страв му е, дури и вака анонимно, да рече тоталитаризам, па вели - протототалитарни методи), негациите внимателно му се опремени со нужните загради, а аргументите „избалансирани“ по принципот „малку против Хитлер, малку против Евреите“. Кога нашиот анонимус би бил прашан да ни ја открие тајната на Сончевиот систем, односно да признае дали Земјата навистина се врти околу Сонцето, тој би одговорил (напишал) во својот препознатлив стил: „Сепак (не) се врти!“ А ако му кажете дека тоа не е став, туку ст(р)ав, тој веднаш ќе ви возврати дека „таквите како Героски го компромитираат секој облик на независна граѓанска критика или движење, лепејќи се како пијавици, во обид да ја исцицаат свежата крв, заради лична корист“.

Туф, туф, туф... Каква лична корист има Героски од тоа што ја критикува власта? Има ли некој лична корист што го критикува Груевски? Тоа што власта се обидува да ги уништи медиумите во кои пишувам, тоа ли е корист? Тоа што секојдневно трпам навреди и закани, од вакви анонимни полемичари, но и од обични вербални насилници (како оној шетач на кенгури, Јане Мавчев од Австралија), тоа ли е таа корист? Сѐ ми се чини дека е обратно. Сѐ ми се чини дека овој „облик на независна граѓанска критика“ (чиј врвен дострел е да се каже Героски е ист како Латас), е мотивиран од желбата на мојот критичар, да ја сочува сопствената комоција, своето парче ливада, на кое може спокојно и незабележано да си пасе и ништо да не го загрижува (оваа метафора му ја должам на покојниот Јонче Котески, со кој пријателував во моите младешки години - така тој мене караше, со право).

ОВАА ЗЕМЈА Е ГРДА!

Ебати таквата „граѓанска критика“! Овие денови, кога Македонци и Албанци крвнички се тепаат по улици, а оваа идиотска власт се занимава со шпански галии и со панорамски тркала, овој протополемичар мене сака да ми докаже дека оваа духовна мизерија, ова лудило, не ја засега „прекрасноста“ на нашата земја, бидејќи поради тоа планините не стануваат повисоки или пониски, а реките подлабоки или поплитки (?!). И тоа, според блогеров, треба да биде некаква „аргументација“, со која јас треба да дебатирам?

Конечно, мене сосема ми е јасно зошто анонимниот блогер се обидува да ја убеди јавноста дека „во поглед на користењето на пропагандните техники, Героски воопшто не е различен од шарлатаните од типот на Латас и Миленко“. Неговиот проблем е многу едноставен. Него го вознемирува фактот што јас, со својата бескомпромисна критика на власта - никогаш во дресот на дворски шут, тоа е суштинската разлика меѓу мене и „шарлатаните“ за кои зборува блогеров, а можеби и меѓу мене и него! - се обидувам и често успевам да ја избистрам линијата на конфликтот во општеството. Тоа е мојот етички  дискурс. Во мојот свет, имено,Земјата нема да се врти околу Сонцето, ако на оние што го тврдат обратното, не им кажеме: Не, вашата теза е обична глупост!

Затоа, јас велам: Не, земјата во која во се изградени пластифицирана триумфална капија, грандиозен споменик на убиец на коњ, лавови, кочии, лаѓа и многу други играчки за идиоти, земјата во која пред три години со полициска заштита ги тепаа студентите што го бранеа градот кој веќе не постои, земјата во која една расистичка песна е неформална национална химна и во која се шири омраза и насилство на сите страни, таа земја не е прекрасна - таа е грда! И не се грди само власта, системот и државниот апарат во таа земја, туку грда е целата земја, а најгрди сме ние, луѓето во неа, поради нашата неспособност да го запреме ова лудило. А тоа е така, меѓу другото, токму и поради луѓето како овој анонимен блогер, кои се обидуваат да ја замаглат линијата на конфликтот меѓу слободата и тиранијата, со еуфемизми, со своите манипулативни агенди за наводна битка против „партизацијата“, „дихотомиите“ и против сличните зла, од кои наводно пати македонското општество.

МЕЧКА ВЕЌЕ ИГРА

Сосема на крајот, сакам да објаснам зошто решив да го злоупотребам и просторот во Плусинфо, за да му одговорам на анонимниот полемичар. Конформистите од ваков вид, тие бедни слабаци кои немаат храброст нештата да ги наречат со вистинското име, кои се убедени дека Земјата би се вртела околу Сонцето и да не биле Коперник, Галилеј и Бруно (кои, според логиката на блогеров, биле само обични „шарлатани“, баш како Героски, Миленко и Латас), тие типчиња многу сериозно ја компромитираат нашата битка против тоталитаризмот и нашиот отпор против ова лудило во кое живееме.

Тие луѓе се реални. Ги гледам во добростоечките компании (главно државни или парадржавни), во бизнис-заедницата која зависи од владата (како и во Северна Кореја), во странските амбасади, во невладините организации, во медиумите и секаде каде што сѐ уште има некаква благосостојба. Не се експонираат во првите партиски редови (иако, се разбира, се свесни дека живеат корумпирани од власта), земаат убави и редовни плати, чат-пат глумат социјален активизам, хуманизам и ренесанса, ама на мирнодопски теми. И згора, ни мантраат за „граѓанскиот активизам“, кој да ти бил задушен од  „партиски дихотомии“ и од пијавици како мене, кои ете, не им даваат простор на овие шанкуриња да дојдат до израз, бидејќи таквите како мене (кои „цицаат свежа крв“!) им го узурпираат јавниот простор. А кога не би им го правеле тоа, тие би распалиле со своите цитати прочитани во доколица, со своите јуначки загради и наводници и така сите би биле среќни и задоволни - власта ќе си владее, а тие ќе глумат плурализам, демократија, департизација, граѓанско општество... И најважно од сѐ, никој нема да им тропне на врата и да им ја растури комоцијата.

Е, жалам дечки, ама изгледа...неќе моќи! Веќе игра мечка и на ваша врата. Сега сте вие на ред. А ако некако и куртулите од овие на власт, ќе ве начекаат некои протоделиквенти од автобус и ќе ви ги скршат вашите нежни протоглавчиња. И кога ќе биде тоа, сетете се колку е „прекрасна“ нашата земја и дека поради тоа што токму вам нешто грдо ви се случило, тоа не значи дека нашите планини не се пониски, а реките поплитки!

Објавено: 26.05.2014 15:49

sovest:

So godini go pocituvam tvoeto pero, no mislam deka vo posledno vreme previse im obrnuvas vnimanie na sekakvi tekstovi. Samiot tvoj komentar mu dava mnogu pogolemo znacenje na doticniot tekst, so sto istiot anonimus go dignal svoeto nivo, sto vprocem mu e i celta.

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:

Најчитани вести од последните 24 часа

Најкоментирани вести од последните 2 недели


/style/images/intervju-title.jpg

Ако неплаќањето беше олимписка дисциплина ќе земевме медал

http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/goran rafajlovski.jpg Објавено: пред 18.09.2014 12:00
Прочитано: 3364

Горан Рафајловски

http://images2.plusinfo.mk/gallery//izvori/plusinfo.jpg
safe_image.jpg
За патриотизмот и лојалноста (2)
Ненад Живановски
15.10.2014
Gero profil picture.jpg
Балкански дронови
Бранко Героски
15.10.2014
dragan mlosavljevik.jpg
Срамот наречен Кобане
Драган Милосављевиќ
14.10.2014
повеќе колумни>>