Последна промена пред 10 години | Сабота 18 Мај 2024 | 0 0
http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/Gero profil picture.jpg

Македонија во канџите на националистите

  • Бранко Героски

  • Прочитано: 12337
  • 16.03.2012
Сподели со твоите пријатели!

Не е тешко да се предвиди дека ќе заврне, ако на небото има облаци. Бранот насилства кој деновиве ја заплисна Македонија не е изненадување, туку последица на националистичката еуфорија што ја одбележува оваа последна година од владеењето на премиерот Никола Груевски. Македонците наивно веруваа дека изградбата на една нова, античка, горда и воинствена нација, животниот проект на Груевски, нема да предизвика меѓуетнички тензии. За жал, додека над небото надвиснуваа облаци, Македонија одбиваше да се подучи барем од сопственото болно искуство, кое во овие две децении многу пати докажа дека илузиите за супериорноста на мнозинството, но и за вечната обесправеност на малцинството, во оваа земја секогаш произведуваат конфликт што мора внимателно да се менаџира. Последниот обид конфликтот да се реши со насилство, во 2001 година, за малку ќе имаше фатални последици.

Во поделеното македонско општество не постои „бениген“ национализам, кој се исцрпува во своите „фолклорни“ димензии и не предизвикува реакции на засегнатите. Минатото лето, веднаш после изборите, кога успехот на македонските кошаркари на европското првенство предизвика експлозија на националистичка еуфорија, малкумина беа тие што предупредуваа дека тоа е опасен „спорт“. Речиси сите медиуми емитуваа возбудливи извештаи за успесите на македонските спортисти, при што расистичката песна за „Гоцевата раса“, инаку препев на една песна на српските фудбалски хулигани, стана неофицијална државна химна. Во таа песна, која се пееше и на плоштадот Македонија во Скопје, под споменикот на Александар Велики, во присуство на премиерот, се вели дека еден ден „наше ќе биде и Солунско поле“, а подоцна кон амбициите на расата на Гоце (Делчев) се придодаде и освојувањето на Пирин планина.

На многумина сето тоа им изгледаше забавно и симпатично, а контроверзните стихови денес се пеат дури и во детските градинки. Неколку месеци подоцна, сепак, работата стана многу посериозна. На натпреварите на европското ракометно првенство во Србија, од трибините во Ниш, се ореше и песната за „клетите Шиптари“ (погрден назив за Албанците, кои, како што вели песната, треба да разберат дека „македонско име нема да загине“), од устите на македонските навивачи, меѓу кои имаше и високи државни службеници. Со критика на оваа појава повторно се огласи истата „дежурна екипа“ новинари и интелектуалци, кои, по кој знае кој пат, беа прогласени за „непатриоти“ и беа изложени на столбот на срамот.

Беше прашање на денот кога таа набилдана енергија, што блика од ступидните објекти и инсталации на проектот „Скопје 2014“, но и од срцата на илјадници млади луѓе, кои ентузијастички ја прифатија улогата на експериментални глувци во градењето нова, „античка“ нација, ќе се насочи кон немакедонците, кон неправославните и кон политички „неправоверните“. Едноставно, тоа е како и драматуршката логика на Чехов - ако во почетокот на пиесата се појави пушка, таа до крајот на претставата мора да опали.

Се случи тоа на познатиот карневал во струшкото село Вевчани, на Василица. Освен што беше запалено грчкото знаме (во Македонија тоа и не се смета за голем грев), брутално беа навредени муслиманите - вевчанци направија маска во вид на огромен пенис, со кој му се потсмеваа на Коранот. Албанците одговорија со жестоки протести во Струга, кои кулминираа со палење на македонски знамиња, а имаше и обиди да се запалат и цркви.

И токму кога се чинеше дека некако успеавме да ги преживееме овие непријатни настани, за среќа без жртви, еден крвав инцидент во Гостивар ја покажа сета фрагилност на ситуацијата. Полицаец, наводно во самоодбрана, застрела двајца Албанци, свои први соседи, а полицијата, секако не без согласност на министерката за надворешни работи Гордана Јанкуловска, се потруди преку провладините медиуми да пласира опасен спин. Според таа приказна, инцидентот, сепак, имал заднина - полицаецот божем бил на трагата на двајцата Албанци, кои наводно биле наркодилери. Ова го зацврсти уверувањето на Албанците дека тешко можат да се надеваат на фер истрага, но и на фер третман од македонските медиуми.

Протестите против полициската бруталност завршија мирно, а во Скопје прв пат заедно протестираа Македонци и Албанци и заедно бараа оставка од Јанкуловска. Но, деновиве во повеќе градови во Македонија, групи млади луѓе, главно Албанци, го искалуваат својот гнев врз недолжните врсници Македонци. Последниве два-три дена е помирно, но сe уште е неизвесно дали ситуацијата се враќа под контрола, или можеби ова е само затишје пред нова бура. Дотолку повеќе што јазикот на омраза, наспроти апелите од државниот врв, не стивнува. Всушност, ако човек се потруди да дознае каде се жариштата на ширењето омраза, ќе дојде до фрапантниот заклучок дека Груевски игра дволична игра - упатува пожарникарски апели до јавноста, а на своите послушници во медиумите им издава директиви да го распалуваат огнот.

Еве, на пример, како тепачките ги опишува и ги објаснува познатиот новинар Драган Павловиќ - Латас, кој се огласува за личен пријател на премиерот Груевски. Во својата последна колумна, за која група интелектуалци му подготвија јавна кривична тужба, Латас вели: „Албанциве се, редовно, во група. Лузери кои, сами по себе, не вредат за ништо. Во група, вооружени најмалку со ножеви и шипки, за да претепаат подобри, попаметни и поспособни од себе. Одмазда за својата немоќ... Оној од кој се плашиш, тој и го мразиш. Зошто нема Албанци во уметноста. Во науката. Или во спортот. Затоа што таму не се успева со гнев, омраза и пиштоли на готовс“.

Една група влијателни македонски пропагандисти, на чело со Латас, распоредени во медиумите блиски до власта, веќе со години ги стигматизираат не само Албанците, туку и сите политички противници, кои се обележани како „непатриоти“, „предавници“ и „грчки платеници“, меѓу кои, секако, е и авторот на овие редови. И ако, на пример, на говорот на омраза на популарниот телевизиски водител Миленко Неделковски публиката гледа со извесна доза на сеир, па и сожалување, поради нискиот интелектуален капацитет и морален интегритет на овој човек (кој вели дека ги мрази Бугарите и педерите, а Шиптарите ги множи со нула), тезите на другите истакнати пера на гебелсовската чета на ВМРО-ДПМНЕ, кои во последниве инциденти видоа заговор на странските тајни служби или инженеринг на опозиција, сепак, наидоа на реакции од оние на кои им беа испратени пораките.

Албанскиот партнер на Груевски, Али Ахмети, лидерот на ДУИ, веднаш сфати дека станува збор за уште еден опасен спин, кој се однесува на него. Умните луѓе во Македонија знаат дека Латас, Неделковски и сличните на нив, јавно го кажуваат она што Груевски, опиен од власта, тајно го зборува и го мисли. „Логиката“ со која е соочен Ахмети е едноставна - ако навистина станува збор за организирани инциденти и ако сепак се исклучи несериозната теза за странски заговор, тоа значи дека опозициските албански прваци Мендух Тачи и Руфи Османи ги организираат групите и демонстрираат контрола врз теренот. И затоа, најважната изјава што Ахмети ја даде по неговата значајна средба со американскиот амбасадор Пол Волерс, веднаш после првите инциденти, беше дека „сите тепачки биле спонтани и изведени од групи кои делуваат потполно независно од каков било центар на моќ“. Со тоа, Ахмети, прилично неуверливо, се обиде да ни каже дека сe уште е неприкосновен лидер на Албанците и дека не дозволува други петли да шетаат на неговото буниште.

Иако сe потешко, лидерот на ДУИ засега успева да ги убеди и Албанците, а и себеси, дека неговото присуство во владата на Груевски е неопходно за одржување на стабилноста на Македонија. Но,освен што ужива во привилегиите да се биде дел од власта и да се лапаат тендери, тој на своите избирачи не може да им го испорача  главното предизборно ветување - членство во НАТО. Пред извесно време се проширија шпекулации дека во мај или јуни годинава, веднаш после Самитот на НАТО во Чикаго, каде Македонија уште еднаш ќе добие студен туш, тиквата ќе пукне и ДУИ ќе биде принудена да ја напушти владата. За тоа, се разбира, не одлучува Ахмети, туку Американците.

Според тоа сценарио, Ахмети би ја напуштил владата, а Груевски би го изгубил мнозинството и не би можел да пронајде партнер да формира нова влада. Одговарајќи на ова сценарио, Латас, интимусот на Груевски, жестоко порача - тогаш, веднаш на избори! Но, ако нема мнозинство за влада, нема ни за распишување избори. А и без тоа, изборите што ги организира Груевски - со целосна контрола и корупција на чиновништвото, изборните тела, полицијата, судството и на медиумите - веќе не решаваат ништо. Опозицијата, на чело со социјалдемократот Бранко Црвенковски, знае дека веќе нема што да бара на такви избори. Лани таа освои 14.000 гласови повеќе од владејачката коалиција, без тоа да има суштински ефект врз распределбата на пратеничките мандати. Груевски го искористи неединството на опозициските лидери, освои многу пратенички мандати, ја затвори најмоќната приватна телевизија А1 и го стави зад решетки Љубе Бошковски, највревливиот опозиционер - со тоа премиерот на сите им испрати јасна порака дека е непобедлив, барем на избори.

Токму затоа, некои кругови сметаат дека формирањето на една техничка или концентрациона влада, со задача да подготви фер избори, а можеби и да оствари значаен напредок во преговорите со Грција, би било добро решение за политичката криза, до која би дошло ако Ахмети ја напушти Владата. Сепак, освен Груевски, на ова сценарио сомничаво гледа и Ахмети. На првиот му е јасно дека после шест години апсолутистичко владеење, шест дена во опозиција ќе бидат доволни да се покажат сите слабости на неговите популистички политики. Вториот, пак, се плаши дека во иднина нема да ги има погодностите кои сега му ги обезбедува ВМРО-ДПМНЕ и поради кои интегративците некои погрдно ги нарекуваат „тендеруши“. Токму затоа, се чини дека обајцата овој пат ќе се обидат од актуелните инциденти да извлечат политички профит, обидувајќи се да го менаџираат конфликтот. Ако успеат, ќе биде добро, а ако не...

Како и да е, резултатот на оваа серија инциденти, кои се очигледно политички мотивирани, е катастрофален за Македонија. Освен што е најгрда, Скопје овие денови е и најнебезбедната метропола на Балканот. Лошите вести брзо се шират. Веќе се откажуваат аранжманите за Велигденските празници во Охрид, а ако продолжат инцидентите, неизвесна ќе биде и летната туристичка сезона. Во тоа, се разбира, има и една добра работа. Имено, на нашите пријатели од странство, кои ја посетуваат Македонија, барем оваа година, ако не дојдат, нема да мора да им го објаснуваме значењето на споменикот на Александар Велики и на Триумфалната капија, како и тајната на монументалните градби во хеленистички стил (кој овде незнајковците го нарекуваат „барок“), за кои се потрошени 200 милиони евра. Нема да мора да објаснуваме за што ќе служи шпанската галија што ќе биде потопена во Вардар и панорамското тркало, на кое, верувале или не, ќе висат кочии.

И секако, на воспалените нашинци од дијаспората, нема да мора да објаснуваме дека ако Македонија, некако, случајно, успее да се обедини во своите „етнички граници“, со делови од Грција, Бугарија и од Албанија, таа нова држава ќе има 5 милиони жители, а ние Македонците во неа ќе бидеме само 27 отсто, додека Грците ќе бидат мнозинство со повеќе од 50 отсто од населението. И тогаш, наместо да го освојуваме светот, ќе мораме и ние, токму како и нашите Албанци во 2001 година, со пушка в рака да си ги бараме правата во нашата сопствена „античка“ империја.

А ние, како што веќе се виде, не сме баш по пушките. Повеќе сме по пеењето.

 

(Објавено од агенцијата БГНЕС, Софија, Бугарија)

 

/style/images/posledni.jpg

Последни коментари (0)коментари

Прочитај ги сите коментари:

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:

Најчитани вести од последните 24 часа

Најкоментирани вести од последните 2 недели


/style/images/intervju-title.jpg

Ако неплаќањето беше олимписка дисциплина ќе земевме медал

http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/goran rafajlovski.jpg Објавено: пред 18.09.2014 12:00
Прочитано: 3364

Горан Рафајловски

http://images2.plusinfo.mk/gallery//izvori/plusinfo.jpg
safe_image.jpg
За патриотизмот и лојалноста (2)
Ненад Живановски
15.10.2014
Gero profil picture.jpg
Балкански дронови
Бранко Героски
15.10.2014
dragan mlosavljevik.jpg
Срамот наречен Кобане
Драган Милосављевиќ
14.10.2014
повеќе колумни>>