Последна промена пред 10 години | Сабота 21 Септември 2024 | 0 0
http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/zoranzaev.jpg

Параходот на Макијавели од нашето маало

  • Зоран Заев

  • Прочитано: 21905
  • 02.01.2014
Сподели со твоите пријатели!

„Очите ти насолзени, устето ти насмеано”. Од пребогатата македонска музичка ризница, овие стихови од познатата песна „Параходот“ веројатно го носат мотивот кој психолошки тежи повеќе од сите други кои биле искорнати од душата на народниот творец. Замислете какво е тоа чувство да плачеш и да се смееш во исто време? Чинам дека Македонецот, како никој друг, ја има „привилегијата“ најдобро да ја артикулира таа мешавина од чувства.

 

Разделбите како да ни се втиснати во генетскиот код, како да ни се судбински „дар“ . Но, се чини дека тие разделби никогаш не биле толку болни, толку бројни и толку неопходни, како разделбите кои ја отсликуваат денешницата на нашава земја. Четиристотини илјади луѓе, претежно млади и високообразовани, за само неколку години го напуштија родното огниште во потрага по поубаво утре. Заминаа за да бидат измеќари на туѓи газди во туѓи земји, за да го работат тоа што не им доаѓало ни во најлошиот сон, оставајќи го дипломите да собираат прашина и да бидат неми сведоци на попусто вложениот труд. Да може да воскресне писателот Антон Панов, би имал добра причина да го напише вториот дел од „Печалбари“ кој несомнено би бил многу потрогателен од првиот.

 

Во своето историско битисување Македонците доживеале повеќе егзодуси, погроми и преселби, но за прв пат причина за тоа не се туѓи војски и поробувачи. За прв пат Македонецот бега од својот дом поради Македонецот. Болно и жално до коска.

 

Неодамна една мајка со растреперен глас и солзи во очите ми ја раскажа својата тажна приказна. Таа приказна отприлика гласеше вака: „Имам два сина. Само јас и мажот ми си знаеме како успеавме од мрвка месо да ги изгледаме и пораснеме. Од устата одделувавме за да ги школуваме, да станат свои луѓе. Бевме и останавме горди на нив и на нивните факултетски дипломи. И зошто? За и понатаму да барат од нас некој денар за да излезат од дома, да се смешаат со останатите. Видоа, не видоа, станаа свесни дека тука нема живеачка ни услови за женувачка, па решија да го фатат патот надвор од Македонија. Беа најголеми противници на земањето бугарски пасоши, но и тие беа приморани тоа да го сторат, како да не сум ги родила јас, туку некоја друга мајка. Ме тешеа и мене и татко им - и самите себеси, дека не се ни први ни последни. Еве ги сега и двајцата во Лондон. Секој ден со душа чекам да се стемни, за да ги видам и да им го слушнам гласот преку интернет. Иста песна ни е муабетот. Добри ли сте - добри сме. А вие добри ли сте - добри сме. Ги лажеме, не сме добри, па се плашиме и тие да не нè лажат. Мајка сум, ме боли. Тоа ли е живот?”.

 

Вакви слични приказни слушав безмалку во секој град или село во изминатите два месеца, дури со својот тим остварував средби со граѓани во рамките на презентацијата на мерките од новата програма на СДСМ. Но не беа тоа само приказни за разделби, туку и за разноразни човечки неволји и судбини. Еден човек ми вели: „Ниту некој ми дошол на гости, ниту јас некому сум му тропнал на врата. На гости одам само кај банкоматот. Од дома до кај него и пак назад. Извади некоја пара од една банка за да си ја платиш ратата од минусот во друга. И сè така. Секој ден сами си се залажуваме. Ден да пројде, друг да дојде. Што бевме, што станавме”.

 

Еден земјоделец пак, полн со горчина во гласот, си ја олесни душата со зборовите: „Две - три години ни ги замачкаа очите со некоја пара за тутунот и толку. Сега, ем 50 денари за килограм, ем морам преку четири општини да го носам тутунот на откуп. Така ли се грижат за нас? Четири ми даваат, пет ми земаат. Ни субвенции им сакам, ни нив ги сакам. Сакам само да ми се плати тоа што со пот сум го произвел”.

 

Да морам да ги раскажам сите слушнати исповеди на луѓето, би можел да напишам дебела книга која ќе биде огледало за состојбите во Македонија. И после сето тоа, нормално е човек да си постави безброј прашања кои се сведуваат само на едно. Зошто? А одговорот е едноставен. Толку многу разделби, неправди, јадови, горчини, уништени животи и тажни судбини, само поради хировите, самобендисаноста и самозадоволувањето на еден грст луѓе, предводени од Макијавели од нашето маало.

 

Доволно е само да се прочитаат размислувањата на италијанскиот политички теоретичар и писател или да се навлезе во неговата книга „Владетелот“, за секому да му стане јасно дека некој во Македонија тоа доследно го спроведува за свои цели. Ако познатата изрека на Макијавели „Целта ги оправдува средствата“ ја ставите во корелација со актуелниот миг во земјава, ќе добиеме одговор зошто сите закони донесени по наредба на нашиот властодржец се направени по негова мерка и по мерка на неговата гарнитура, зошто е одземена слободата на говорот, зошто неистомислениците се на жесток удар, а дел од нив гнијат по затвори, зошто е осиромашен народот, зошто лагата е доминантна над вистината, зошто неправдата ја погазува правдата, зошто квазиисторијата ја уништува историјата и уште многу, многу „зошто“. Ако пак ви падне в очи реченицата од „Владетелот“ во која Макијавели порачува „... ако не се возможни двете нешта, подобро е да ти се плашат, отколку да бидеш сакан“, тогаш станува сосема јасно зошто кај нас царува стравот. Барајќи логичност во неспособноста на власта да направи вистинско придвижување кон членство во ЕУ, истата ќе ја најдете во ставот на Макијавели во споменатата негова книга, кога тој вели „Мудро е, владетелот да не влегува во сојуз со поголема сила...” И на крај, кога ќе ви стане јасно дека Макијавели го оправдува владеењето со сила, дека ги апстрахира етичките норми и дека стои цврсто на ставот дека е неопходно владетелот да стори сè штo e потребно да ја задржи својата моќ, тогаш сите коцки од мозаикот за Макијавели од нашето маало, ќе ви бидат на место. Е сега, веројатно сите знаат дека Италијанецот се викал Николо, па секоја сличност со името на Макијавели од нашето маало е сосема случајна, исто како што е случајно што родниот град на италијанскиот творец – Фиренца се совпаѓа со градот, каде што нашиот Макијавели ја лие својата споменична пасија.


Ете, поради сево ова, одлучен сум во намерата заедно со луѓето од мојата партија да го променам макијавелистичкиот амбиент во државата, поради кој страдаат многу луѓе. Притоа, ништо на светов нема да може да го наруши мојот идеал, сосема спротивен од оној на обезличениот Макијавели од нашето маало, а тоа е да го задржам човечкиот лик на политичарот. Граѓаните, измамени и понижени, тоа веќе го препознаваат. Време е помакедончениот Макијавели да разбере дека и животот и политиката наликуваат на панорамско тркало. Кога еден ден ќе се качи на него, ќе сфати дека еднаш е горе, друг пат е долу. Белким, нема до тогаш некоја новоизградена галија на Вардар да го добие името „Параходот Македонија“ и да тргне низводно по патот од кој нема враќање.

 

Среќна Нова 2014 Година (што помалку макијавелистичка, толку подобро).

/style/images/posledni.jpg

Последни коментари (0)коментари

Прочитај ги сите коментари:

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:

Најчитани вести од последните 24 часа

Најкоментирани вести од последните 2 недели


/style/images/intervju-title.jpg

Ако неплаќањето беше олимписка дисциплина ќе земевме медал

http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/goran rafajlovski.jpg Објавено: пред 18.09.2014 12:00
Прочитано: 3402

Горан Рафајловски

http://images2.plusinfo.mk/gallery//izvori/plusinfo.jpg
safe_image.jpg
За патриотизмот и лојалноста (2)
Ненад Живановски
15.10.2014
Gero profil picture.jpg
Балкански дронови
Бранко Героски
15.10.2014
dragan mlosavljevik.jpg
Срамот наречен Кобане
Драган Милосављевиќ
14.10.2014
повеќе колумни>>