Последна промена пред 10 години | Сабота 21 Септември 2024 | 0 0
http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/zoranzaev.jpg

На мафијашката банда да ѝ кажеме – доста е!

  • Зоран Заев

  • Прочитано: 14073
  • 25.04.2014
Сподели со твоите пријатели!




Господине Заев, на почетокот на ова интервју, ќе ми дозволите една мала индискреција. Јас и вие се видовме во понеделникот, ден по првиот круг на претседателските избори. Нашиот разговор, секако, ќе остане меѓу нас, но би сакал да го споделам мојот впечаток декa бевте налутен, баш како и во неделата доцна вечерта, кога дававте изјава. Кому му се лутевте и зошто?


 - Лут сум за тоа што им се случи на граѓаните на Република Македонија. Тоа што им се случи на граѓаните во првиот изборен круг е системски грабеж, притисоци, уцени врз граѓаните, од страна на власта на Никола Груевски. СДСМ направи сè преку институциите на системот, да се почитува правото на глас и правото на избор на секој граѓанин. Првиот круг од претседателските избори покажа дека оваа власт тоа не го сака и нема намера да го спроведе. Власта на Никола Груевски уште еднаш покажа дека нема намера да овозможи елементарни услови за регуларен изборен процес. Затоа, веројатно така сте ме доживеале. 

 


Анкетата на агенцијата „Рејтинг“, во која имате доверба, навести мртва трка по првиот круг на претседателските избори. Еден таков резултат требаше да биде големо охрабрување дека оваа битка за промени и за нов почеток сигурно ќе ја добиеме. Наместо тоа, Иванов оствари сериозно и неочекувано водство пред Пендаровски од околу 120.000 гласови. Што се случи? Од каде таков резултат?

 

- Агенцијата „Рејтинг“ ја информираше јавноста за резултатите од нејзините анкети и не би навлегувал во тоа. Во прашање е нешто друго. Никола Груевски вади луѓе на гласање со притисоци, закани, уцени. Остатокот го дополнува со лажни лични карти и со фантомски гласачи. Тука е суштината на проблемот. Ниту една реална анкета не може да го предвиди бројот на изнудени и непостоечки гласачи што Никола Груевски ги има на своето конто за избори. Секако, освен анкетарите на институтите на ВМРО-ДПМНЕ, како „Павел Шатев“, „Димитрија Чуповски“ и слични, кои имаат бројка на гласови што им ги сервира ВМРО-ДПМНЕ како партија, и потоа тоа го прикажуваат како некаква анкета на јавното мислење.

 

Во вториот дел од кампањата, тргнавте со жестоки обвинувања на сметка на актуелниот премиер Никола Груевски. Долго ги следам политичките прилики во Македонија и не се сеќавам на слични обвинувања на сметка на еден премиер - кешови, примање поткуп, матни зделки, неплатени даноци... Не се плашите ли дека може да заглавите со овие обвинувања, или дека може да станете цел на одмазда по изборите?

 

- Постојано сум цел на уцени и закани од страна на власта. Јас, моите роднини, пријатели, луѓето блиски до моето семејство, членовите и луѓето блиски до СДСМ, сите се под голем стрес. Мене ништо нема да ме заплаши, ниту ќе ме спречи или поколеба, докрај да го разобличам криминалниот лик и дело на Никола Груевски. Во овој период ние само продолживме со разобличување на начинот на кој владее Груевски. Да потсетам, на милионите евра кеш што преку грчки државјани, во случајот „Актор“, или изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, завршиле во џебови на власта на Груевски. Или, на неверојатните богатења, почнувајќи од високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, како што се случаите со становите на Гордана Јанкулоска, Силвана Бонева, до телохранители на премиерот Груевски кои се сместиле среде Центар, окупирајќи цели згради. Последните документирани скандали што ги обелоденивме, за примање поткуп во милиони евра кеш пари, директно во рацете на Никола Груевски, за продажбата на Македонска банка, за што има и аудиоснимка, кешот што го примале и други функционери во ВМРО-ДПМНЕ, по налог на Никола Груевски, за што исто така во јавноста излегоа јавни признанија од оние што ги давале парите, како и вчудоневидувачкото купување имот од повеќе од милион евра во само еден ден, на име на ВМРО-ДПМНЕ, го докажа тоа што сите овие години беше јавна тајна. Тоа е дека криминална и мафијашка банда владее со Република Македонија. Ако се земе предвид нивниот очигледен стремеж за режимско владеење, преку инсталирање во сите пори на општеството, бришење на институциите, ја добиваме целосната слика на траумата со која се соочуваат граѓаните на Република Македонија. Но, обврска на опозицијата е да го спречи овој расипнички систем да функционира, да ги заштити и охрабри граѓаните на Македонија со својот глас да ја испратат оваа власт во историјата, во интерес на сегашните генерации, идните генерации и во интерес на државата. 

 

Вие поднесовте кривична пријава во врска со случајот „Македонска банка“, а Груевски, пак, поднесе тужба против вас за навреда и клевета. Според вашето толкување, истрагата треба да ги вештачи тонските снимки, а според Груевски, вие на суд ќе треба да докажете дека снимките се автентични. Како ќе се истера правдата во овој случај?

 

- Никола Груевски и сите негови семејни и политички структури не знаат никако поинаку, освен преку нивните судови, да се справуваат со секој што ќе објави, покаже и докаже како владеат. Затоа не прифаќаат дебати и јавно соочување пред граѓаните на Република Македонија. Затоа немаат одговор на ниту едно прашање, туку во секоја нивна реакција има закани за судски процеси и барање за отштета, почнувајќи од 10.000 евра па нагоре. Каков човек е Никола Груевски, каков премиер е тој што на директно поставени прашања од лидерот на опозицијата, се крие зад партиски реакции на Центарот за комуникации на неговата партија и со закани за тужби од адвокатски канцеларии? За случајот што прашувате, Никола Груевски точно знае дека гласот на снимката е негов. Тоа го знаат и сите граѓани на Македонија кои ја слушнале снимката. Затоа медиумите под негова контрола не смеат да зуцнат за овој случај, а не да ја објават снимката. Јас на суд ќе ги презентирам доказите. Но клучното прашање е што прават надлежните институции и зошто не поведуваат никаква постапка за овие случаи. Тие не смеат ни да помислат да го прашаат Никола Груевски дали е нешто од ова точно, а не да поведат постапка.  

 

Какви се одгласите на луѓето по разоткривањето на овие скандали? Каков е вашиот впечаток, дали комплетната промена на стилот на кампањата, вашето упорно и спектакуларно докажување дека криминалци ја водат Македонија, ќе го даде очекуваниот ефект?

 

- Со оглед на целосната медиумска блокада, вклучително и на јавниот сервис, ние правиме максимални напори преку формите на комуникација што ни се на располагање, оваа и ваквите информации да допрат до што поголем број граѓани. Оние што имале можност да ја слушнат снимката, се згрозени и гневни. Не можат да поверуваат кој човек е нивен премиер во овие осум години. Информацијата меѓу граѓаните се пренесува од уста на уста. Граѓаните што слушнале, пренесуваат едни на други. Веста не може да се спречи. Искрено се надевам и верувам дека по расветлувањето на сите овие скандали, власта ќе ја добие заслужената казна на 27 април. Груевски не може да избега од одговорноста. Негови колеги од држави во регионот, за вакви и слични финансиски малверзации, ги добија заслужените затворски казни. Вистината навистина е како шило, врти, врти и излегува на површина. Си знае и Груевски. Правдата е немилосрдна. Нема бегање од злосторство. А ова што тој им го прави на граѓаните на Македонија е токму тоа. 


Поведението на ДУИ на Али Ахмети на овие избори, според моето мислење, исто така суштински придонесува за компромитација на изборниот процес. Ако не се лажам, пред изборите Ахмети ве уверуваше дека нема да прифати предвремени парламентарни избори, па откако прифати, повика на бојкот на претседателските избори, со што драстично го оштети Пендаровски. Ахмети сега отворено повикува на бојкот и на вториот круг од претседателските избори. Може слободно да се каже дека наспроти целата антивмровска реторика, на крајот Ахмети е тој што од Иванов ќе направи претседател. Имавте ли вие некакви разговори и договори со Ахмети пред изборите?

 

- Али Ахмети е лидер на политичка партија што е дел од владејачката коалиција. Тој и неговата партија, исто така ја носат целосната одговорност за состојбите во државата, не само пред гласачите на ДУИ, туку и пред целата македонска јавност. Али Ахмети и раководството на ДУИ, по завршувањето на овие избори, ќе мора да одговорат на неколку прашања. Дали е европски стандард, на гласачите да им се забранува да гласаат? Дали во држава во која владее елементарна демократија, постои пример каде што партија на власт, од чиишто редови е министерот за правда, една од партиите организатор на изборите, да ги бојкотира истите тие избори? Ги бојкотира не само во еден круг, туку се заканува дека ќе го бојкотира и вториот круг за претседател на државата. Дали партија што постојано тврди дека приоритет ѝ е членство на Република Македонија во Европската унија и во НАТО, смее да си дозволи да врши уцени, закани, заплашувања на граѓани? Во која европска држава има ваков пример? Јас со Али Ахмети имав само една средба на крајот на летото и оттогаш наваму ниту сум се видел ниту сум разговарал. Тогаш Али Ахмети рече дека ДУИ е партија што единствено има интерес за интеграција на Македонија во евроатлантските структури. Што се случило од тогаш до сега, треба тој да одговори.

 


Кога подобро ќе размислам, господине Заев, можеби и вие нешто треба да научите од Ахмети. Конкретно, за односот кон странските дипломати. Тие велат - не поддржуваме бојкот на изборите. Ахмети им вели - добро, не ги рушиме ние изборите, но кандидатите не се „консензуални“ и затоа ќе ги повикаме Албанците да не гласаат. И странците потоа тоа го прифаќаат како нешто нормално. Не е ли време и СДСМ да застане на малку порадикална позиција и да заигра потврдо и пред меѓународниот фактор?

 

- Не е во прашање ставот на СДСМ. Меѓународната јавност, особено нашите пријателски држави, во сите години од осамостојувањето на Македонија, ја докажаа безрезервната помош и поддршка, секогаш кога на државата ѝ беше тешко. Тие мора да разберат дека и сега на граѓаните на Македонија им е исклучително тешко под раководство на оваа неодговорна власт, која осум години се грижи само за своите интереси. Ние не бараме ништо повеќе од меѓународната заедница, освен со реални зборови да го опишат и да го окарактеризираат ова што се случува во Македонија и тоа што нивните претставници овде во земјава го гледаат.

 

Јас сум сигурен дека САД, Велика Британија, Германија, Франција, Норвешка и другите европски држави и државите од светот, не ја практикуваат ниту приближно демократијата, како што тоа го прави Груевски во Македонија. Напротив, тие прават сè ваквите личности, ваквите политичари, како Груевски, да бидат санкционирани и да бидат оневозможени да вршат тортура врз граѓаните. Затоа е важна реална оцена на случувањата во Македонија и за изборниот процес. Таква е оцената во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, за првиот круг од претседателските избори, во кој најдиректно досега се посочени недозволиви изборни нерегуларности за еден демократски изборен процес. СДСМ е подготвена, заедно со граѓаните на Македонија, да ја врати демократијата во државата и да го врати животот во Македонија на нормален колосек, тоа што го посакуваме сите.



Со месеци пред почетокот на изборната кампања, а и во текот на самата кампања, партијата на власт продолжи со безобѕирна изборна корупција. Се потрошија милиони евра народни пари за партиска пропаганда. Се таргетираат сите ранливи категории население. Владините министри и функционери ниту за миг не запреа да ги злоупотребуваат своите јавни функции во кампањата. Моќните телевизии, на чело со јавниот телевизиски сервис, се претворија во мегафони на власта. Многумина укажуваат дека изборниот процес во целина е компромитиран. Наспроти мојот личен став за бојкот на вториот изборен круг, јас го прифатив вашиот повик борбата да продолжи, но на ваков начин само до недела, 27 април. Што ќе се смета за успех на СДСМ, на овие, очигледно нерегуларни избори? Прифатлива ли е за вас опцијата „чесен пораз“?

 

- 27 април е денот кога граѓаните во државава во огромно мнозинство ќе му кажат НЕ на Груевски. Тоа ќе го стореа и на 13 април, ако имаа можност во фер изборен процес да ја искажат својата волја. Се надевам дека на 27 април, секој од нас, кој сака да живее во слободна и нормална држава, а убеден сум дека сите граѓани на оваа држава тоа го посакуваат, ќе направи сè што може, тоа да се случи. Волјата да се преточи во глас. Тоа е огромен и сериозен предизвик пред секој совесен граѓанин на Македонија. Јас, како човек, но и како лидер на здружената опозиција, имам обврска да го испочитувам и да го заштитам секој глас на граѓаните. Но, исто така, јас и СДСМ имаме обврска да не дозволиме на Македонија да ѝ се случат уште едни криминални избори. Тоа го ветивме и тоа ветување ќе го исполниме. Како одговорна партија, направивме сè да ги мотивираме институциите на системот да овозможат нормален изборен процес. Првиот круг покажа дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, договорените измени на Изборниот законик навистина ги сметаат за тоалетна хартија. Исто како што се обидоа да го девалвираат и Извештајот на комисијата за случувањата на 24 декември. За оваа власт не постојат правила, закони, обврски, институции, систем, не постои функционална држава. Ако ова се потврди на 27 април, сите опции се отворени.

 

Во вашето прво интервју за „Слободен печат“, ако добро се сеќавам, ветивте дека СДСМ нема да дозволи овие избори да бидат украдени. Важи ли сè уште тоа ветување?

 

- Веќе ви одговорив на ова прашање. СДСМ, во името на граѓаните, не смее да дозволи нивното избирачко право и слободата на избор да бидат погазени. И тоа нема да го дозволиме, ве уверувам.

 

Како го коментирате однесувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски? 

 


- Во државава има човек со име и презиме, кој прима плата од граѓаните на Република Македонија и има обврска да ги испита сите сериозни наводи за криминалот во кој е директно инволвиран премиерот на државата. Тој човек се вика Марко Зврлевски. Но, за жал, исто како што Ѓорге Иванов е формално назначен за претседател на државата, и Марко Зврлевски е формално назначен за јавен обвинител на Република Македонија. Ете тој човек, замислете, за еден ваков мегаскандал, изјави дека не можело обвинителството да ги троши ресурсите секогаш кога некој нешто ќе кажел! Невиден срам и скандал за еден обвинител, чијашто обврска е да ја брани правдата. Јас прашувам, дали со вакви институции на системот, Македонија е воопшто држава на европскиот континент. До таму ѝ го срушија достоинството и угледот на државата Груевски и неговите поддржувачи, тие на кои наводно државата им била пред сè.

 


Господине Заев, каква е вашата последна порака до читателите на „Слободен печат“ пред почетокот на изборниот молк и пред денот на одлуката?

 

- На 27 април граѓаните одлучуваат дали ќе ѝ дозволат на оваа криминална структура што ја владее Македонија осум години, и понатаму да ја уништува државата. На сите закани, уцени, притисоци може да им дојде крајот. Може, со недвосмислена одлучност сите заедно, масовно да кажеме - ДОСТА Е! Сето она што СДСМ го направи изминатиот период, беше во насока да го разоткрие вистинското лице на Никола Груевски и на неговата власт, граѓаните да не живеат во заблуда, да не бидат маѓепсани. Тоа со сите документирани прес-конференции го направивме. Власта е во континуирана акција преку медиумите под контрола, да креира непостоечка реалност. Порачувам, зад гласачкиот пулт секој гласач е сам. Тогаш гласачите сами одлучуваат за својот глас. Вашите гласови одлучуваат дали ВМРО-ДПМНЕ, ваква каква што е, ќе биде власт уште четири години, а Ѓорге Иванов ќе биде претседател на Македонија и во наредните пет години, или на Македонија конечно ќе ѝ се случат посакуваните промени. Тоа се неопходни промени што ќе внесат нова свежина, нова енергија, што ќе значат нов почеток за Македонија. Тоа се промени што ќе ја вратат Македонија на вистинскиот пат и ќе ја обезбедат иднината на државата, на нашите деца и на идните поколенија. Сите ние, на 27 април ќе бидеме пред таков предизвик, да ја донесеме вистинската одлука. Јас сум сигурен дека ако граѓаните слободно можат да ја изразат својата гласачка волја, тоа ќе значи крај на владеењето на Никола Груевски и неговата власт. Ако Груевски и неговата власт и овој пат се обидат да го узурпираат уставно загарантираното право на граѓаните на слободен избор, власта ќе се соочи со волјата на граѓаните.

 

Бранко Героски


(Објавено во „Слободен печат“)

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на Плусинфо

/style/images/posledni.jpg

Последни коментари (0)коментари

Прочитај ги сите коментари:

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:

Најчитани вести од последните 24 часа

Најкоментирани вести од последните 2 недели


/style/images/intervju-title.jpg

Ако неплаќањето беше олимписка дисциплина ќе земевме медал

http://images2.plusinfo.mk/gallery//kolumnisti/goran rafajlovski.jpg Објавено: пред 18.09.2014 12:00
Прочитано: 3402

Горан Рафајловски

http://images2.plusinfo.mk/gallery//izvori/plusinfo.jpg
safe_image.jpg
За патриотизмот и лојалноста (2)
Ненад Живановски
15.10.2014
Gero profil picture.jpg
Балкански дронови
Бранко Героски
15.10.2014
dragan mlosavljevik.jpg
Срамот наречен Кобане
Драган Милосављевиќ
14.10.2014
повеќе колумни>>